Фото: Маја Јаневска-Илиева

Спортот и спортистите од сите националности секогаш имале моќ да инспирираат и да сплотуваат. Македонските ракометари со својата игра, залагање и со победничкиот менталитет ги полнат душата и срцето на македонскиот народ, што барем во овој период ќе нѐ натера да заборавиме на политиката и на поделбите. Жолто-црвените уште еднаш покажаа како треба да се бранат боите на Македонија, а нов успех на македонскиот спорт ќе значи и нова свест, начин на правилно расудување, однесување, начин на кој се согледуваме како нација

Македонија не успеа да ја оствари и втората победа на Европското првенство (ЕП), откако вчера во Виена, во 2. коло во групата Б, беше поразена од Чешка со 25-27. Не победивме на теренот, но се обединивме надвор од него. Поразите се составен дел од спортот. Иако немаше нов триумф, кога играат нашите ракометни херои, срцата на македонските навивачи секогаш се исполнети и чукаат како едно. Преку спортското натпреварување, докажување, всушност и се гради силна кохезија, непоколеблив победнички дух, менталитет, кој од теренот се отсликува и во животот на сопствената држава. Македонските ракометари со својата игра, залагање и со победничкиот менталитет ги полнат душата и срцето на македонскиот народ, што барем во овој период ќе нѐ натера да заборавиме на политиката и на поделбите.

Македонија умее да се радува на секој постигнат гол, победа, на секој освоен бод, кој, пак, ќе нѐ носи чекор понапред кон поставената цел. Така е и сега, а се игра храбро, гордо, со голем оптимизам. Спортот и спортистите од сите националности секогаш имале моќ да инспирираат и да сплотуваат. На ова Европско првенство повторно сите македонски срца се обединети и чукаат како едно, во победнички ритам. Жолто-црвените уште еднаш покажаа како треба да се бранат боите на Македонија, а отсјајот на големи победи на врелиот паркет секако дека ќе остави длабоки траги во народните зеници, како и многупати досега.

Нов успех на македонскиот спорт ќе значи и нова свест, начин на правилно расудување, однесување, начин на кој се согледуваме како нација. А тоа е заслуга и на тимската работа, почитувањето, скромноста, дисциплината, борбеноста и желбата за докажување што ги красат македонските ракометари. На ред е домаќинот Австрија. Нова победа ќе значи и нова победа на целиот македонски народ. Г.И.


Исланд и Португалија ги направија првите големи изненадувања

Исланд славеше над актуелниот светски и олимписки првак Данска, а Португалија против Франција, која ја совлада и во квалификациите лани

Селекциите на Португалија и на Исланд ги направија првите две изненадувања на Европското првенство (ЕП) во ракомет што се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска.

Амбициозните Португалци со максимална борбеност и тимска игра потврдија дека победата над Франција во априлските квалификации минатата година не била случајна (33-27) и вторпат целосно ја надиграа фаворизираната Франција, сега со 28-25 (11-10), која во текот на целиот натпревар бркаше негатива. Францускиот селектор Дидие Динард, кој е специјалист за одбрана, не успеа со ниедна одбранбена формација да ги запре мотивираните Португалци.

Португалската ракометна ренесанса сезонава ја најавија и нивните тимови Порто и Спортинг, кои во натпреварите од Лигата на шампионите (ЛШ) демонстрираа одлични игри. Во улога на аутсајдер, Порто сезонава славеше над ракометните гиганти Кил, Киелце, Монпелје и Мешков Брест, а Спортинг обезбеди бараж за пласман во осминафиналето од ЛШ.

Пред 10.500 гледачи во Малме, Шведска, пред налетот на Исланѓаните падна актуелниот светски и олимписки првак Данска (31-30). Предводен од својот лидер и организатор на играта Арон Палмерсон (10 гола), Исланд во текот на целиот натпревар ѝ беше рамноправен противник на Данска, која до 40-та минута имаше контрола над резултатот, но исклучувањето на нејзиниот голман Никлас Ландин (поради прекршок над играч надвор од голманскиот простор) внесе доза несигурност во одбраната, момент што Исланд одлично го материјализира и освои бодови против главниот фаворит во групата.
Во дуелот на двата дебитанти на ЕП, прва победа забележаа Холанѓаните во мечот со Литванија, со 32-24. Та.Д.


Во „зимската“ Австрија како дома

Десет години по првата организација на ЕП во 2010 година, Австрија е кодомаќин на континенталниот собир, кој се игра во три држави. Во Виена, покрај прелиминарната фаза, ќе се одигра и главната фаза.
– Задоволство е да се биде дел од ЕП на кое првпат ќе настапат 24 репрезентации. Наша цел е да им обезбедиме на селекциите што подобри услови за подготовка на натпреварите. Брз трансфер до салата, прес-центри во сите хотели, како и сѐ друго во „зимската“ Австрија. Сакаме секој да се чувствува како дома – вели претседателот на Австриската ракометна федерација, Герхард Хофбауер.
Македонија е сместена во хотелот „Хилтон“, кој е оддалечен десетина минути возење од салата каде што се играат мечевите.

ГРУПА А
Белорусија – Србија 35-30
Хрватска – Црна Гора 27-21
Хрватска – Белорусија 31-23
Црна Гора – Србија 22-21
ГРУПА Б
Чешка – Австрија 29-31
Македонија – Украина 26-25
Чешка – Македонија 27-25
Австрија – Украина синоќа
ГРУПА Ц
Германија – Холандија 34-23
Шпанија – Литванија 33-22
Литванија- Холандија 24-32
Шпанија – Германија 33-26
ГРУПА Д
Франција – Португалија 25-28
Норвешка – БиХ 32-26
Португалија – БиХ 27-24
Франција – Норвешка синоќа
ГРУПА Е
Унгарија – Русија 26-25
Данска – Исланд 30-31
Исланд – Русија 18.15 ч.
Данска – Унгарија 20.30 ч.
ГРУПА Ф
Словенија – Полска 26-23
Шведска – Швајцарија 34-21
Швајцарија – Полска 31-24
Шведска – Словенија синоќа