За време на натпреварувањето сите учесници ќе бидат тестирани на коронавирус секои три дена, во арените сите, освен ракометарите, ќе мора да носат заштитни маски, на трибините за време на мечевите ќе има ограничен број гледачи…

Сите учесници на Светското првенство (СП) во Египет ќе мора да направат тест на коронавирус 48 часа пред пристигнувањето во Египет, вели, меѓу другото, претседателот на медицинската комисија на Светското првенство во Египет, Хазем Камис.
– За време на натпреварувањето сите репрезентации, ракометари, службени лица и сите други што учествуваат во организацијата и имаат директен контакт со учесниците ќе бидат тестирани на коронавирус секои три дена – најави Камис.
Во арените сите освен ракометарите ќе мораат да носат заштитни маски за време на натпреварите и на тренинзите.

Медицинската комисија на СП во Египет одлучи да дозволи ограничен број гледачи за време на натпреварите, кој ќе се движи меѓу 25 и 30 отсто од капацитетот на арените, со услов да биде запазено растојанието од два метра меѓу гледачите.
Ограничен ќе биде и бројот на присутни за време на ждрепката на групите за Светското првенство, која треба да се влече в сабота. Најмногу 200 лица ќе присуствуваат на церемонијата. Мундијалот во Египет ќе се игра во периодот од 14 до 31 јануари 2021 година.