Агенцијата за млади и спорт (АМС) во своите програми за поддршка, развој и втемелување на системскиот пристап за развиток на професионалниот спорт во Македонија, согледувајќи ја есенцијалната потреба од квалитетна тренерска база, веќе извесно време, во соработка со Ракометната федерација на Македонија (РФМ) и Здружението на ракометните тренери на Македонија (ЗРТМ), работи на етаблирање и развивање на проектот за субвенционирање ракометни тренери за дообука и усовршување на своите знаења. Наесен, АМС предвидува проширување на проектот, кој ќе ги опфати сите тренери во олимписките тимски и индивидуални спортови

Водејќи грижа за развојот и популаризацијата на спортот во Македонија, Агенцијата за млади и спорт (АМС) со своите проекти секојдневно настојува да фати приклучок во современите светски трендови, со цел унапредување на спортот во државата. Веќе 10 години на талентираните спортисти и репрезентативци АМС им ја доделува стипендијата „Спортска надеж“ за нивните остварувања и резултати на официјални државни и меѓународни натпревари за возрасни категории до 20 години, како и во олимписките и параолимписките спортови.

Спортот, не само како потреба, туку и како силен позитивен белег на секоја земја со кој се идентификуваат и како национална гордост, има доминантно место во интересите на државите. Спортот има и големо влијание во секојдневието на младите, особено кон правилното насочување и развивање, психофизичкиот развој, нивната заштита од разни социопатолошки појави. Затоа, државите посебно внимание обрнуваат на развој и на рекреативниот и на професионалниот спорт во сите аспекти од оваа област. Агенцијата за млади и спорт (АМС) како институција во чиј делокруг на работење влегува и спортот, заедно со други институции и федерации, согледувајќи го ваквиот факт, наметнува динамика на различни проекти за развој и поддршка на спортистите и спортските работници.

Одличен е примерот за развивање на базата на македонски ракометни тренери, и квантитативно и од квалитативен аспект. Тоа е фундаментот со кој наредните десетлетија недвосмислено македонскиот ракомет би обезбедил исклучително добри кадри за продолжување на континуитетот на успеси во овој спорт. Имено, минатата година АМС го почна проектот за субвенционирање на првата поголема група ракометни тренери, кои започнаа дообука и усовршување на своите знаења, на мастер-семинарот што се одржуваше во Хрватска, а наесен, предвидено е проширување на проектот, кој ќе ги опфати сите тренери во олимписките тимски и индивидуални спортови.
– Тргнувајќи од фактот што ракометот е спорт број 1 во Македонија, а ние како АМС сме горди на тоа и сакаме да остане така, минатата година почнавме повеќегодишен проект за поддршка на ракометните тренери што сакаат да ги прошират и надградат своите знаења, со цел во иднина да добиваме што поквалитетни и поуспешни генерации ракометари, кои ќе нѐ прават горди на ракометните терени низ Европа. Но не застануваме тука. АМС од октомври ќе почне со реализација на шестгодишен проект за помагање и поддршка на сите тренери и спортисти во групата на олимписките спортови, било да се индивидуални или тимски, со цел да им овозможиме што подобри услови за работа, усовршување и напредок, за да остварат олимписки норми и пласман на Олимписките игри во Париз 2024, а исто така проектот ќе ги опфати и сите оние спортови и федерации што ќе партиципираат за пласман на Олимписките игри во Токио во 2020 година – ни изјави Дарко Каевски, директорот на АМС.

Според првичните планови, во индивидуалните спортови предвидено е да се опфатат 10 тренери, додека, пак, за тимските спортови АМС ќе чека предлог-број од федерациите. Почнувајќи од октомври годинава проектот ќе биде во функција следните шест години со главна цел „медали“ од Олимписките игри 2024 што ќе се одржат во Париз.
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) и Здружението на ракометните тренери на Македонија (ЗРТМ) како едни од главните алки во повеќегодишната блескава ракометна приказна на Македонија се првите во низата на кои од АМС им беа распределени средства за усовршување и дообразба на стручниот кадар.
– За вистинска пофалба е проектот на АМС со кој на ракометни тренери финансиски им се помага во нивната дообука и усовршување на мастер-семинари, и ние како Здружение на тренери во целост го поддржуваме проектот. Но, сигурно нема да застанеме тука. До крајот на 2019 година предвидено е да потпишеме нов ваков договор со АМС и ќе настојуваме и во иднина да се задржи практиката за помагање нови млади и талентирани тренери и секој од нив да си ги добие средствата наменети за негово усовршување, сѐ со цел ракометот и во иднина да биде спорт број еден во Македонија и понатаму да ни носи успешни резултати – вели Гино Стрезовски, претседателот на Здружението на ракометните тренери на Македонија. Та.Д.;Г.И.

На еден од семинарите на ракометните тренери во организација на ЗРТМ