Ваква завршница нема да има никаква смисла. Играчите со месеци се борат за да обезбедат што подобар пласман и место во завршницата и сега нема да можат да играат на најважните натпревари затоа што во меѓувреме потпишале за друг клуб, изјави Данецот Микел Хансен

По објавата на алтернативните датуми за евентуално продолжување на сезоната под капата на Европската ракометна федерација (ЕХФ) и веста дека мечевите до четврт-финалето на Лигата на шампионите би се играле до крајот на јуни, а фајналфорот би се играл на 22 и на 23 август, незадоволство искажаа данските ракометни ѕвезди Микел Хансен (ПСЖ) и Расмус Лауге Шмид (Веспрем) со изјави во дански медиуми.

– Ваква завршница нема да има никаква смисла. Играчите со месеци се борат за да обезбедат што подобар пласман и место во завршницата и сега нема да можат да играат на најважните натпревари затоа што во меѓувреме потпишале за друг клуб. Од друга страна, екипите ќе имаат играчки промени и ќе бидат многу послаби во август затоа што ќе им недостига уиграност, особено поради долгата пауза без тренинг – изјави левиот бек Хансен за данската ТВ2.

На изјавата на Хансен се надоврза централниот бек на Веспрем, Лауге.
– Ваков план е погрешен по многу параметри. Ова се очајнички одлуки – рекол Лауге.
На 30 јуни завршуваат договори на многу ракометари, кои од претходно одлучија да направат трансфер во друг клуб. Според тоа, не е јасно каде би играл, на пример норвешкиот централен бек на ПСЖ, Сандер Сагосен, кој има договор за по 30 јуни со Кил. Во една ваква ситуација дел од францускиот првак во завршницата нема да може да бидат и Лук Абало, Едуард Кемп, Родриго Коралес, но затоа парижани во својот состав би ги имале Даинис Криштопанс, Матју Гребил, Елохим Пранди, Јан Женти и Феран Соле.

Веспрем, пак, во своите редови ќе ги нема Драган Гајиќ, Борут Мачковшек, Мирсад Терзиќ и Арпад Штербик, кој најави пензионирање, но затоа ќе ги имаат голманот на ПСЖ, Коралес, потоа Хорхе Македа, Данил Шишкарев, Дан Емил Ракотеа, Николај Маркусен и новата унгарска ѕвезда Патрик Лигетвари. Шпанскиот првак Барселона нема да има многу измени, од клубот си оди Ласе Андерсон, а го добива десното крило Блаж Јанц. Засега Кил ќе има најмалку измени во составот. Нема најавени заминувања, а ќе бидат посилни за Сагосен.