Борозан (со топка) беше најефикасен на мечот со осум гола

Предводени од новиот шпански стратег Роберто Парондо, ракометарите на Вардар во Монпелје го совладаа истоимениот актуелен европски шампион, со 27-24, во воведното коло од ЛШ

Ракометарите на македонскиот првак Вардар на најдобар можен начин ја отворија годинешната сезона во престижната Лига на шампионите (ЛШ). Во францускиот град Монпелје беше соборен истоимениот актуелен европски шампион, со 27-24.
Последниве пет сезони пр­ва­кот во ЛШ три пати губи во пр­во­то коло. Малкумина веруваа дека црвено-црните по заминувањето на повеќе играчки ѕвезди ќе бидат подготвени да сторат вакво нешто, и тоа против клуб што остана во истиот состав од последниот фајналфор во Келн. Но Вардар во саботата блескаше на сите линии на теренот, успешно се справуваше против противничката одбранбена зона 5-1, храбро наоѓајќи пукнатини во нападот, ја издржа и француската брза транзиција, направи 13 грешки помалку (вкупно 14) од Монпелје, а брилјира новото голманско засилување, српскиот интернационалец Дејан Милосављев, кој со своите 16 одбрани (од кои три во низа од еден напад!), го извади противникот од неговиот вообичаен победнички колосек, а го надмина и многу пославниот француски репрезентативен чувар на мрежата Винсен Жерар. Оваа победа истовремено беше и слатка одмазда за полуфиналниот минимален фајналфор-пораз во Келн (27-28) во мај годинава. Сега меѓусебниот скор на овие две екипи е четири победи за скопјани, едно реми и еден пораз.

Новиот стратег на Вардар, Шпанецот Роберто Парондо, кој со својата невообичаена смиреност и тактичка поставеност на одбранбената зона 6-0 и храбра игра во нападот, па и тогаш кога домаќинот поведе, покажа дека има визија за големи дострели, па и за нов, трет по ред фајналфор-турнир и со ваков Вардар, во кој ги нема веќе Лука Циндриќ, Арпад Штербик, Хорхе Македа, Илија Абутовиќ и другите поранешни вардарови ѕвезди.

– Многу сум горд на моите играчи. Многу е тешко да се запре Монпелје, но ние, ете, успеавме во тоа. Дојдовме, победивме и мора да бидеме задоволни – кратко констатира Парондо.

Новајлијата кај скопјани, словенечкиот продорен плејмејкер Сташ Скубе, одлично диригираше во нападот, постигнувајќи пет гола.

– Ова е сепак ЛШ, не е лесно да се игра со толку нови играчи, но ние успеавме да славиме против еден од најдобрите клубови во Европа. Се браневме многу добро, а нашиот голман имаше извонреден меч – вели Скубе.

Левиот бек Вуко Борозан беше најефикасен на мечот, со осум гола, десното крило Иван Чупиќ даде шест, Скубе пет… Кај Монпелје десното словенечко крило Вид Кавтичник реализира шест гола, а голманот Жерар впиша 11 одбрани.

– Поразот беше фрустрирачки за нас, нѐ разочара, но дефинитивно победата на Вардар е сосема заслужена. Едноставно беа подобри од нас во секој сегмент од играта, а ние имавме проблеми со реализацијата, имавме дури 13 изгубени топки, што е премногу. Одбраната на Вардар беше силна – го призна поразот тренерот на Монпелје, Патрик Канаје.

Во 2-то коло од фазата по групи (22 септември), Вардар во Скопје ќе игра против шведски Кристијанстад.