Тимур Дибиров, најефикасен стрелец кај Вардар со 20 гола Фото: Дарко Андоновски

Би сакал да видам што ќе направи Кил за да победи во Скопје, a ние сме подготвени да понудиме уште едно уживање за сите наши навивачи, вели вардаровото крило Дибиров

Македонскиот и европски ракометен првак Вардар, утре (17.30 часот – пренос на МТВ), во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, ќе го има првиот сериозен тест сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ). Во меч од 4-то коло од групната фаза, вардарци ќе се сретнат со германскиот вицепрвак Кил, кој во изминатите три кола забележа две победи, над унгарски Веспрем и белоруски Мешков Брест, и едно реми со полски Киелце. Црвено-црните, пак, зад себе имаат три победи од дуелите со француски Монпелје, португалски Порто и украински Запорожје.

– Дуелот со Кил е исклучително важен и наедно натпревар на сезоната за нас. Противникот се наоѓа во одлична форма, а тоа го видовме на некои од неговите досегашни мечеви. Играат многу подобро и побрзо отколку на натпреварот на „Суперглоуб“ пред повеќе од еден месец. Како и да е, очекувам добра игра од мојот тим и одлична поддршка од нашата публика, бидејќи така многу полесно се стигнува до добар резултат – смета шпанскиот тренер на клупата на Вардар, Давид Писонеро.
Мотивот и самодовербата со кои располага вардаровиот тим во пресрет на мечот со Кил ги пренесе заменик-капитенот на Вардар, левото крило Тимур Дибиров

– Среќен сум што конечно дојде еден ваков тежок натпревар. Тоа го велам, бидејќи кога играме со екипи со пониско ниво не сме вистинските ние. Во тие моменти, екипата се опушта и не е на потребното ниво. Но кога се игра со екипи како Кил, мотивот и расположението се поинакви и тогаш сакаме да се надигруваме. Би сакал да видам што ќе направи Кил за да победи на гостински терен во Скопје, а ние сме подготвени да понудиме уште едно уживање за сите наши навивачи – изјави Дибиров.
Во поновата меѓусебна дуел-историја, ова ќе биде нивна четврта пресметка или осма вкупно, доколку се вкалкулираат и мечевите од групната фаза во 2002/2003 и 2009/2010. Вардар и Кил се сретнаа во четврт-финалето од ЛШ во сезоната 2017/2018, во кое поуспешни беа вардарци и си го обезбедија второто учество на фајналфорот во ЛШ. Нивната последна средба беше на годинешниот „Суперглоуб“ во Дамам, каде што германскиот тим славеше со 34-30.

Според играта во досегашните три кола, бековската линија и пикерите се тие што доминираат во нападот на Кил. Бековите на германскиот гигант во три меча реализираа 46 погодоци, од кои 18 левиот бек Никола Билик, кој наедно е и најдобар стрелец во германскиот состав. Пикерите на Кил имаа 21 успешна реализација, додека, пак, крилните ракометари постигнаа 25 погодоци.

Кај Вардар статистиката ги издвојува крилата како најсилна алка на нападот. Тие во досегашните три кола реализирале 48 погодоци, или половина од вкупниот број постигнати голови. Од нив, 20 се зад името на Дибиров, кој е најефикасен вардаров ракометар во досегашниот тек од сезоната. Од преостанатите 48 погодоци, две третини, или 36, се во реализација на бековската линија, а 12 постигнале пикерите.