Пионерската машка ракометна репрезентација на Македонија доживеа два високи порази на пријателскиот турнир „Три нации“, кој се играше во Ѓер, Унгарија.
Многу работа им претстои на тренерите Андријана Будимир и на Дарко Петровски бидејќи нивните избраници и во двата меча покажаа многу слабости во играта. Тешко им одеа и организацијата и реализацијата на нападот, а премногу слаба и без мотив им беше и играта во одбраната.

Во првиот меч македонските надежи од генерацијата 2002/2003 беа поразени од врсниците од Србија со 18-36, а во вториот натпревар домаќинот Унгарија славеше со 25 гола разлика, 39-14 (18-8).

Во дуелот со Србија најефикасен во македонскиот состав беше Едвин Омерагиќ со пет гола. Ракометарот на Металург Стефан Додиќ беше најрасположен во српскиот состав и даде 10 гола.