Македонската машка ракометна репрезентација од генерацијата 2002/2003 година, денеска и задутре ќе го има својот деби-настап на турнирот во Балатон, Унгарија, каде што покрај со домашната селекција ќе игра и со соодветната селекција на Србија.

Ова е прв собир и прв настап на оваа генерација ракометари чии предводници се тренерите Андријана Будимир (Вардар) и Дарко Петровски (Аеродром).

Турнирот ќе биде одличен тест за оваа генерација на ракометари, пред сѐ за да се согледаат нивите можности и квалитети во споредба со врсниците од Унгарија и Србија, бидејќи токму оваа генерација ќе треба да брка пласман во дивизијата А, преку шампионатот на ЕХФ од дивизијата Б идната година, чиј домаќин ќе биде Македонија.

На списокот има седум ракометари од Вардар, пет од Аеродром и по еден од Алушовски, Металург, КЛ-7, Пелистер, Охрид и од Пролет.

Денешен прв противник на македонските пионери (18 часот) ќе биде Србија, а задутре (11 ч.) е дуелот со домаќинот Унгарија.