Талески на мечот со Грција во 2015 година Фото: Дарко Андоновски

Утрешниот натпревар со Грција во спортската сала (капацитет 5.000 гледачи) во Кожани ќе биде вкупно седми во меѓусебните квалификации дуели, и тоа сите за пласман на СП. Македонија е многу поуспешна, со пет победи и еден пораз, со вкупна гол-разлика 167-136. Првпат Македонија и Грција се сретнаа во квалификациите за СП 2001, Македонија победи и на гости и дома (31-27 и 26-21). Во квалификациите за СП 2003, Македонија дома победила со 24-19, но на гости го претрпела единствениот пораз, со 24-25. Последен пат двете селекции играа во плејоф-двомечот за пласман на СП 2015, кога Македонија на гости славеше со 27-25, а во Скопје со 35-23.

Од тој последен дуел во сегашната селекција на Македонија ги нема Филип Миркуловски, Наумче Мојсовски, Аце Јоновски, Ванчо Димовски и Ренато Вугринец, а кај Грците шестмина што играле тогаш ќе настапат и сега (Малиос, Тзирас, Зампоумис, Гоургоунис, Мулонас и Пападионисиу).

На тие два меча со Македонија, Грците имале само по едно исклучување на двата меча (Македонија по две), но очигледно сега во Рејкјавик против Исланд (35-21 за Исланд) се водела вистинска битка на теренот, оти Грците играле дури 18 минути со ракометар помалку (од кои левото крило Николаос Пасиас три), а Исланд 10 минути и директен црвен картон (левиот бек Олафур Густафсон).