Фото: Дарко Андоновски

Сметам дека од ден на ден сѐ подобро ги совладуваме елементите на оваа игра и дека до почетокот на првенството ќе бидеме подготвени да им парираме на нашите ривали, вели левото крило Бојан Маџоски

Македонските машка и женска репрезентација во ракомет на песок со полна пареа ги одработуваат подготовките за настапот на Европското првенство (ЕП), кое ќе се одржи во Старе Јаболке, Полска (2-8 јули). Избраниците на селекторот Сашо Србиновски двапати дневно тренираат на песочните терени на кејот на Вардар во Скопје, воигрувајќи ги зададените акции и тактики со кои ќе се обидат да им парираат на далеку поискусните и поквалитетни селекции.

– Ќе имаме тешка задача на овој шампионат бидејќи Македонија има долгогодишна пауза од настапи во ракомет на песок. Наша идеја е да се обидеме да создадеме нови селекции, кои во иднина ќе ја претставуваат Македонија во овој вид натпреварување. Имаме многу за работа и за надоградување, така што од досега сработеното морам да признаам дека подобар повратен ефект имаме кај машката селекција од која очекуваме повеќе на ова ЕП. Женскиот ракомет е на пониско ниво во моментов – вели Србиновски.

За голем дел од ракометрите и ракометарките во двете селекции ова е прво соочување со ракомет на песок.

– Ќе дадеме сѐ од себе во дуелите со далеку поискусните селекции од нас, иако за поголем дел од екипата ова е прво соочување со овој спорт. Ракометот на песок, со ракометот во сала, што ние сме навикнати да го играме, имаат слично име, но се дијаметрално спротивни. Различни се правилата, тактичката поставеност на играта, динамиката и затоа не ни е баш лесно да се приспособиме на сите новини со кои се сретнуваме. Имаме краток период за подготовка, но мислам дека од ден на ден сѐ подобро ги совладуваме елементите на оваа игра и дека до почетокот на првенството ќе бидеме подготвени да им парираме на нашите ривали – изјави репрезентативното лево крило Бојан Маџовски, кој првпат е дел и од оваа селекција.

Македонската машка селекција ќе биде дел од групата Ц, заедно со Хрватска, Украина, Швајцарија и Италија. Девојките се во групата Д, заедно со Данска, Русија, Украина и со Германија. Бранители на европски титули се Шпанија во машка и Норвешка во женска конкуренција.