Фото: Дарко Андоновски

Имаме повеќемина повредени, но ќе се обидеме да се вратиме со добар резултат. Секој меч е значаен и токму затоа ќе играме максимално ангажирано, вели вардаровиот тренер Парондо, пред денешниот дуел во ЛШ кај Левен

Левен е одличен тим и сигурно дека нѐ очекува тежок дуел. Имаме повеќемина повредени ракометари, но ќе се обидеме да се вратиме со добар резултат. Традицијата не ја гледаме, поважно е да се фокусираме на нашата игра оти секој меч е различен, а ние треба да се подготвуваме според тактиката на противникот. Ни преостануваат уште четири меча до крајот на групната фаза, а тоа значи дека секој е значаен и токму затоа ќе играме максимално ангажирано, изјави Роберто Парондо тренерот на Вардар, пред денешниот дуел (19 ч.) на гости кај бундеслигашот Левен, во 11-то коло од Лигата на шампионите (ЛШ).

Скопјани ќе бидат ослабени, поради повреда не отпатуваа левите бекови Вуко Борозан и Сергеј Горбок, како и пикерот Рожерио Мораеш. Досегашната меѓусебна статистика е на страната на вардарци, кои во ЛШ славеле шест пати, еднаш ремизирале, а двапати загубиле. Во Германија црвено-црните лани ремизираа (21-21), а победија со 35-28 во сезоната 2014/2015 и со 33-27 во 2015/2016. Годинава првиот меч во Скопје заврши со триумф на Вардар (29-27).

– Светското првенство беше добро, бидејќи повеќето од нашите играчи играа во своите национални тимови. Имаме неколку повредени играчи, Сигурдсон, Нилсен, Фејт, но расположението во клубот е добро. Се подготвувавме изминатите неколку дена и со нетрпение го очекуваме денешниот дуел со Вардар – изјави за германските медиуми тренерот на Левен, Николај Јакобсен, кој со селекцијата на Данска го освои златото на неодамна завршеното Светско првенство.

Вардар моментно е на втората позиција во групата А со 13 бода, еден повеќе од Левен, а пет помалку од водечката Барселона. До крајот на групната фаза Вардар треба да игра со унгарски Веспрем (дома), шведски Кристијанстад (на гости) и со француски Монпелје (дома). Првопласираниот од групата директно оди во четврт-финалето, а оние од второто до шестото место прво ќе играат во осминафиналето.