Очигледно е дека Вардар има нов тим во одбраната. Во нападот можеби сме исти, но во одбраната сме нови, со нови играчи, и ќе треба време за сѐ да биде како што сакаме. Доаѓаат натпревари на кои ќе ни требаат резултати, особено оние што ќе ги играме дома, вели Роберто Парондо, тренерот на Вардар, пред почетокот на ЛШ

Ракометарите на Вардар шести пат во низа ќе бидат дел од најпрестижното клупско натпреварување Лигата на шампионите (ЛШ). По двата последни настапи на фајналфорот во Келн и освоената европска титула во 2017 година, годинава црвено-црните ги нема меѓу првите десет најдобри клуба според анализата на ЕХФ, а пред гостувањето на првиот фаворит и актуелен европски првак, француски Монпелје (сабота, 17.30 ч.). Но ова рангирање, секако, не мора да биде и меродавно, оти кога Вардар стана европски шампион малку кој му даваше шанса во дуелите со фаворизираните ПСЖ и Барселона.

Но точен е и фактот дека Вардар не е оној од последните две години, кога го водеше шпанскиот стратег Раул Гонзалес, и покрај тоа што има 15 интернационалци. Клубот го напуштија седум врвни играчи: движечкиот организатор Лука Циндриќ, столбот во одбраната Илија Абутовиќ, голманот со „сто раце“ Арпад Штербик, искусните бекови Хорхе Македа, Жоан Кањелас, пикерот Мијајло Марсениќ и вториот голман Страхиња Милиќ. Во клубот останаа ракометари што и годинава со право се очекува да го понесат главниот товар: бомбардерите Вуко Борозан и Даинис Кристопанс, брзоногите крила Иван Чупиќ, Тимур Дибиров, Данил Шишкарев, пикерите Стојанче Стоилов и Фереира Мораеш, плејмејкерот Игор Карачиќ.

Одбраната во минатото беше препознатлив елемент на скопјани.
– Очигледно е дека Вардар има нов тим во одбраната. Во нападот можеби сме исти, но во одбраната сме нови, со нови играчи, и ќе треба време за сѐ да биде како што сакаме – смета Роберто Парондо, тренерот на вардарци.

Вардар добро ја почна сезоната, славеше во Суперкупот на Македонија, а забележа и три победи во Регионалната лига.

– Доаѓаат натпревари на кои ќе ни требаат резултати, особено оние што ќе ги играме дома. Се подготвуваме и верувам дека ќе играме на нивото што го сакаме, оти уште сме во фаза на подобрување на формата за да бидеме подготвени за она што нѐ очекува – вели Парондо.

А во ЛШ главна цел сигурно ќе биде повторен влез во втората фаза. Во однос на лани, исти клубови во групата на скопјани се Левен, Барселона и Кристијанстад, а покрај Шпанците, силни противници сигурно ќе бидат Монпелје, Киелце и Веспрем.
Вардар последните две сезони беше прв во фазата по групи со 21, односно со 20 бода, кога впрочем и доминираше, додека во сезоната 2015/2016 заврши како трет, со 18 бода.


ИГРАЧКИ ИЗМЕНИ ВО ВАРДАР

Заминаа: Лука Циндриќ (централен бек), Илија Абутовиќ (лев бек), Арпад Штербик (голман), Хорхе Македа (десен бек), Жоан Кањелас (централен бек), Мијајло Марсениќ (пикер), Страхиња Милиќ (голман).

Дојдоа: Сергеј Горбок (лев бек), Глеб Калараш (пикер), Дмитри Кисељев (десен бек), Калифа Гедбан (голман), Дејан Милосављев (голман), Грегор Оцвирк (лев бек), Сташ Скубе (централен бек).