Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ракометарките на Металург го загубија првиот дуел со француски Иси Париз со високи 15-31, па затоа синоќешната реванш-средба, од двомечот од првото квалификациско коло од ЕХФ-купот беше само формалност.

Француските ракометарки уште од самиот почеток на натпреварот ја најавија својата фаворитска улога, речиси не дозволувајќи им на младите ракометарки на Металург да постигнат гол. Парижанките за само неколку минути поведоа со 8-1, а по првото полувреме заминаа со предност од 13 гола (17-4).

Во продолжението од натпреварот гостинките го намалија темпото на игра, па младите ракометарки на Металург успеаја да постигнат 11 гола, но, сепак, противникот славеше убедлива победа.
Најефикасна во составот на Металург беше Теодора Гулицоска со четири гола, а кај Французинките, 11-члената листа на стрелци ја предводеше Романката Елена Пинтеа со седум погодоци.