Фото: Дарко Андоновски

Ракометарите на македонскиот првак Вардар го доживеаја и четвртиот пораз во 12-то коло од годинешната Лига на шампионите (ЛШ), откако вечерва во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, наивно беа поразени од унгарскиот Веспрем со 27-29, и покрај тоа што на полувремето имаа предност од пет гола.

Вардарци на тој начин ја загубија втората позиција во групата А, а ако вечерва полски Киелце извојува победа против Монпелје, тогаш скопјани ќе паднат и на четвртата. На две кола до крајот од оваа фаза, избраниците на тренерот Роберто Парондо останаа на 15 бода, додека Унгарците сега имаат 16.

Црвено-црните убедливо го добија првото полуврме со пет гола предност (16-11), поведувајќи први со голот на Кристијан Дисингер. Во полувреме во кое резултатот беше израмнуван дури седум пати (последен пат во 18-та минута), Вардар со четирите погодоци во низа (Дисингер, Вуко Борозан и два гола на Иван Чупиќ), конечно ја направи првата опиплива предност 12-8 (23-та мин.), која потоа со нова серија беше зголемена на најголемите плус шест 15-9 (18-та мин.), со голот на Сергеј Горбок. Оваа предност беше видена уште еднаш преку Данаис Кристопанс (16-10).

Покрај извонредните одбрани на голманот Дејан Милосављев (10), во првиот дел најпрецизен кај вардарци беше Дисингер со пет успешни реализации. Кај Веспрем импресионираше Мате Лекаи со шест погодоци и голманот Арпад Штербик со седум одбрани.

Вардар слабо го започна второто полувреме, постигнувајќи само два гола за 10 минути, дозволувајќи му на противникот брзо да се консолидира и да фати приклучок на резултатот. Иако во 45-та минута вардарци повторно поведоа со три гола (21-18), сепак гостите, по неколкуте избрзани грешки во нападот, почнаа да ја полнат мрежата на вардаровиот голман и во 54-та минута и поведоа со 24-23. Залудни беа обидите скопјани да се вратат во игра, а по промашениот седмерец на Тимур Дибиров, Веспрем успеа да поведе и со два гола разлика, предност која не ја испушти до крајот на натпреварот.

Најефикасен кај Вардар беше Дисингер со своите пет гола уште од првиот дел, а кај Веспрем Лекаи со седум и Ласло Наѓ со шест. Во следното коло, на 23 месецов, Вардар игра на гости против шведски Кристијанстад. Г.И.