Македонија не успеа да обезбеди пласман во главната фаза на Светското првенство (СП) во ракомет, откако загуби од Исланд со 22-24 во решавачкиот меч од групата Б, одигран попладнево во Минхен. 

Македонија имаше водство од два гола на полувреме (13-11), но Исланѓаните направија пресврт во вториот дел, за триумф во неизвесна завршница. Периодот од девет минути без постигнат гол на избраниците на Раул Гонзалес во вториот дел, се покажа како пресуден за конечниот резултат. 

Капитенот Кирил Лазаров и Дејан Манасков беа најпрецизни кај Македонија со по пет гола, додека Арон Тор Гунарсон предничеше кај противникот со десет погодоци.

Македонија ќе разигрува за пласман од 13-то до 16-то место, со Русија или со Србија, во Келн.

Трите најдобри репрезентации од групите А (Франција, Германија и Бразил) и Б (Шпанија, Хрватска и Исланд) ќе вкрстат во новоформираната група 1 од втората фаза на Мундијалот, чии натпревари ќе се играат во Келн. Селекциите ќе ги пренесат бодовите од меѓусебните дуели во првата фаза.