Еурофарм Работник утре му гостува на германскиот Хановер во 1-то коло од групната фаза на Купот на ЕХФ

Со мечот против бундеслигашот Хановер (сабота, од 19.30 часот) ракометарите на Еурофарм Работник од Битола втора сезона едноподруго ќе излезат на големата европска ракометна сцена, овој пат во групната фаза од Купот на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Во минатата сезона клубот се пласира во осминафиналето од Купот Челинџ.

На патот до пласманот во групната фаза од Купот на ЕХФ, битолчани во два наврата беа поуспешни од швајцарскиот претставник Берн, со победите со 29-19 и со 30-28. Противници на Еурофарм во групата Б ќе му бидат и унгарскиот состав Татабања и хрватскиот вицепрвак Нексе.

– Самиот пласман во групната фаза и можноста да играме со врвни квалитетни екипи на големата европска сцена е голем успех за нас како клуб. Тргнувајќи од фактот дека нашиот прв меч го играме на гости кај бундеслигашот Хановер, кој има одлична екипа составена од врвни ракометни имиња, тие ја имаат улогата на фаворит во овој наш дуел. Но тоа не значи дека ние одиме да загубиме или да тактизираме, напротив подготвени сме и желни да се бориме за нашата шанса, да се покажеме во најдобро светло и да оствариме добар резултат – изјави Гоце Ојлески, левото крило на Еурофарм.

И за Хановер ова е втор излез на европска ракометна сцена и втор во групната фаза од Купот на ЕХФ, до кој стигна со елиминација на португалскиот вицепрвак Бенфика (41-36 и 33-33). Првото искуство во ЕХФ, Хановер го имаше во сезоната 2013/2014 кога во група со Адемар Леон, Чургу и Луџи го освои последното место.

Според прикажаната игра во мечевите од 3-то коло од ЕХФ купот и во 19 кола од Бундес-лигата, најголемата опасност по голот на Еурофарм ќе доаѓа од десната крилна позиција на која игра Тимо Кастенинг, кој има 94 реализации во германското првенство и 14 во мечевите во ЕХФ, следуваат пикерот Илија Брозовиќ, кој има ефект (64/7), германските репрезентативци левиот бек Фабиан Бохм (62/9), десниот бек Каи Хафнер (61/10) и организаторот на игра Мортен Олсон (58/19), кој неодамна со репрезентацијата на Данска стана светски првак (постигна пет гола во финалето).