Селекциите на Унгарија, Шведска, Русија, Романија, Словенија, Србија, Црна Гора и на Германија се наоѓаат во позиција за пласман на СП 2021, по првите бараж-натпревари за пласман на Мундијалот во Шпанија. Немаше победник на дуелите Чешка – Швајцарија (27-27) и Австрија – Полска (29-29). Реваншите се неделава

РАКОМЕТ – ПО ПРВИОТ КРУГ ОД БАРАЖОТ ЗА СП ВО ШПАНИЈА ГОДИНАВА

Женската ракометна селекција на Романија ја потврди фаворитската улога и на мечот со Македонија во Букурешт забележа победа со 33-22, во првиот бараж-дуел за пласман на Светското првенство (СП) годинава во Шпанија. Романките се најредовни учеснички на СП.
Најдобрата романска и светска ракометарка Кристина Неагу го заврши мечот со 11 погодоци. Во македонскиот состав најефикасна беше десното крило Сара Ристовска со осум постигнати гола, а по пет реализации забележаа Моника Јаневска и Симона Стојковска. Реванш-натпреварот е закажан за в среда, во Скопје.
По првиот круг од бараж-дуелите за пласман на СП 2021, селекциите на Унгарија, Шведска, Русија, Романија, Словенија, Србија, Црна Гора и на Германија се наоѓаат во позиција за пласман на Мундијалот во Шпанија.
Србија, Русија, Германија и Шведска славеа гостински победи над селекциите на Словачка (26-19), Турција (35-23), Португалија (32-27), односно над Украина (28-14), а домашниот терен го искористија репрезентациите на Словенија, Романија, Црна Гора и на Унгарија во дуелите со Исланд (24-14), Македонија (33-22), Белорусија (29-23) и со Италија (46-19). Неизвесни мечеви без победник имаше на дуелите Чешка – Швајцарија (27-27) и Австрија – Полска (29-29).
Со исклучок на Унгарија и на Италија, кои реваншот го играа синоќа, другите реванш-дуели се закажани за утре и за задутре.


БАРАЖ ЗА СП, ПРВИ МЕЧЕВИ

Романија – Македонија 33-22
Словенија – Исланд 24-14
Украина – Шведска 14-28
Словачка – Србија 19-26
Австрија – Полска 29-29
Чешка – Швајцарија 27-27
Турција – Русија 23-35
Португалија – Германија 27-32
Црна Гора – Белорусија 29-23
Унгарија – Италија 46-19

реваншите се утре и задутре, освен мечот Унгарија – Италија, кој се играше синоќа