Со победите во саботата во следната фаза на ЛШ се пласираа Вардар и Фленсбург,
а од претходно и Барселона, Сегед, ПСЖ, Алборг, Кил, Веспрем, Монпелје и Киелце

Со победите над Елверум (34-28), односно над Мотор (38-28), германскиот првак Фленсбург и македонскиот шампион Вардар обезбедија пласман во осминафиналето на ракометната Лига на шампионите (ЛШ), на две кола до крајот од групната фаза сезонава. Претходно пласман во следна фаза обезбедија Барселона, Сегед, ПСЖ и Алборг од групата А, како и Кил, Веспрем, Монпелје и Киелце од групата Б.

За Фленсбург 34-те гола над Елверум беа нивната најефикасна партија сезонава (и во минатата сезона најмногу постигнаа 34 гола, во дуелот со Нант, 34-31), а 38-те гола на вардарци во дуелот со Мотор се нивниот највисок скор во последниве три години, односно од мечот со Киелце одигран на 12 ноември 2016 година кога победија со 40-34. Најефикасни во победничкиот состав на Вардар беа Словенецот Сташ Скубе со осум гола, а одлична партија имаше младиот голман Марко Кизиќ, кој забележа 12 интервенции на вардаровиот гол. Во следната рунда „црвено-црните“ ќе гостуваат кај Порто (22 февруари), а групната фаза сезонава ќе ја заокружат дома со меч со Монпелје (29 февруари).

Мечевите од 12-то коло во ЛШ донесоа низа раздвижувања на табелата во групата Б. Сигурна победа и скок на четвртото место на табелата забележа полскиот првак Киелце со триумфот над португалскиот шампион Порто (30-25). Полјаците сега имаат 14 бода и се само на два бода зад второпласираниот Веспрем, а Порто со 10-те бода падна на шестата позиција на табелата. Со победата над Мешков со 30-26 францускиот вицепрвак Монпелје се доближи на еден бод до второпласираниот Веспрем. Иако загуби од Монпелје, Мешков уште има теоретски шанси за пласман во осминафиналето, односно Белорусите ќе треба да слават во двата преостанати меча, а Порто да ги загуби и двата.

Без шанси за пласман во осминафиналето остана украинскиот првак Мотор, а норвешкиот шампион Елверум и хрватскиот првак Загреб, кој загуби од Барселона (32-23) заедно со Целје (кој е шести со три бода предност пред нив) уште се во игра за обезбедување пласман во следната рунда.