Десеткуваниот тим на Металург загуби од полскиот вицепрвак Висла со 19-38 на вечерашното гостување од ракометната Лига на Европа. Македонскиот претставник и на овој натпревар настапи без неколкумина клучни ракометари кои отсуствуваа поради ковид-19 и повреди.

Висла го доби првото полувреме со 16-9, а во вториот дел успеа и да ја зголеми предноста со што го реши мечот.

Мартин Серафимов и Милан Поповиќ со по пет гола беа најефикасни кај Металург, додека кај полската екипа предничеше Золтан Сита со седум реализирани удари.

Металурзите имаат учинок од едно реми и четири порази, а Висла забележа шест победи во исто толку средби од досегашниот тек на Лигата на Европа.

Металург повторно ќе се сретне со истиот ривал веќе во вторник, исто така во Полска, во следниот дуел од натпреварувањето.