Род е избран за најдобар играч до 22 години за сезоната 2018/2019, со што ракометари од Норвешка победуваат четврти пат последниве пет сезони, во изборот на порталот „Планет хендбал“

Норвешкиот десен бек Магнус Род (22) е најдобриот млад ракометар во светот за сезоната 2018/2019, според традиционалниот избор на порталот „Планет хендбал“ на кој во изминатите две седмици гласале над 31.000 љубители на ракометот. Во вкупниот избор, според бројот на комбинирани гласови од гледачите и од новинарите, Род со 23 гласа оствари тесна победа пред пикерот на Спортинг Луис Фраде и голманот на Скјерн Емил Нилсен, кои имаа по 22 гласа.

Лани најдобар млад ракометар беше Французинот Мем Дика од Барселона, а три сезони едноподруго пред тоа Норвежанецот Сандер Сагосен (тогаш од Алборг, сега е член на ПСЖ), беше избиран за најдобар играч до 22 години.

Годинава беа номинирани 28 играчи (родени до 1997 година) по четворица на секоја позиција, а меѓу нив немаше ниту еден Македонец, за разлика од минатиот и предминатиот избор кога во конкуренција беа левите бекови Филип Талески и Филип Кузмановски. Во минатата сезона Норвежанецот имаше фантастични настапи за својот клуб Фленсбург со кого стигна до титулата во Бундес-лигата, а имаше и значителен ефект во играта и резултатите на норвешкиот национален тим на Светското првенство во Германија и во Данска во јануари годинава, со кој стигна до финалето и го освои сребрениот медал.

Во најдобрата постава на сезоната 2018/2019 се и левото крило на Загреб, Давид Мандиќ, левиот бек на Нант, Роман Лагард, кој втора година едноподруго е дел од најдобрата млада постава на сезоната, централниот бек на Монпелје, Килијан Вилемино, и десното крило на Киелце, Аркадиуш Морито. 


НЕКОИ ПРЕТХОДНИ ПОБЕДНИЦИ
СЕЗ. ИГРАЧ ЗЕМЈА
2018/2019 Магнус Род Норвешка
2017/2018 Мем Дика Франција
2016/2017 Сандер Сагосен Норвешка
2015/2016 Сандер Сагосен Норвешка
2014/2015 Сандер Сагосен Норвешка
2013/2014 Алекс Душебаев Шпанија