Во пресрет на почетокот на сезоната во Лигата на шампионите, Европската ракометна федерација (ЕХФ) најави зголемен мотивациски буџет за следната сезона во елитното натпреварување, кое ќе игра по нов формат, односно ќе има 16 наместо досегашните 28 екипи. Според информациите, шампионот во следната сезона ќе инкасира еден милион евра.

Секоја од 16-те екипи ќе добие загарантирани 210.000 евра, односно по 30.000 евра за секој гостински натпревар во групната фаза, плус за гостинските натпревари од осминафиналето и од четврт-финалето. Од следната сезона, секој освоен бод во групна фаза ЕХФ ќе го вреднува со по 5.000 евра, осминафиналните бодови ќе носат по 7.500 евра, а бодовите во четврт-финалето ќе вредат 10 илјади евра. Дополнителни 30.000 илјади евра ќе добијат екипите што групната фаза ќе ја завршат на првите две места.

За пласман на завршниот турнир во Келн екипите ќе добијат уште по 50.000 евра. Учесниците на завршницата во ЛШ ќе поделат вкупно 800.000 евра. Тие ќе се распределат така што на шампионот ќе му се пресмета колку пари заработил по гореспоменатите критериуми и на нив ќе се додаде потребната сума за да се заокружи до еден милион евра. Од преостанатите пари, второпласираниот ќе добие 38,3 проценти од сумата, третопласираниот 33,3 отсто, а четвртопласираниот ќе добие 28,3 насто.