Фото: РФМ/Момент од последниот контролен меч со Чиле

Ракометната репрезентација на Македонија во комбиниран состав оствари нова победа над Чиле, овојпат со 28-24, во мечот одигран вечерва во салата „Јане Сандански“ во Скопје. Избраниците на Данило Брестовац претходно беа подобри од истиот ривал со 25-21 во вторникот.

Македонија која беше без капитенот Кирил Лазаров и без Стојанче Стоилов во составот рутински оствари нов триумф. Филип Кузмановски и Мартин Поповски беа најефикасни со по четири гола, додека Жарко Пешевски и Филип Талески погодија по трипати.

Ова беше последна проверка за „црвено-жолтите“ во исчекување на расплетот со учесниците на претстојното Светско првенство во Египет, кое почнува в среда. Македонија е „прва резерва“ во случај некој од учесниците да се откаже. По утрешните тестирања ќе биде познато дали Чешка ќе настапи на Мундијалот.