Генерално сум задоволен од пласманот. Целта ми беше да има интересни партии, а така и беше. Првите три партии ги изгубив, но продолжив да се борам и успеав да се вратам со шест победи во низа и на крајот да бидам околу 100 места над почетниот ранг, што за мене е успех, вели Николовски

Македонскиот интернационален мајстор (ИМ) и репрезентативец Никола Николовски (2.454 рејтинг-поени, рангиран 138. пред почетокот на турнирот) го подели 40.-62. место, но, според дополнителниот критериум, е на 61-то место, со седум поени (седум победи и четири порази) на Европското интернет-првенство (ЕП) во брз шах. Вториот македонски преставник на ЕП, ИМ Тони Лазов (рејтинг 2.405, рангиран 191.) го освои 176-то место (делба на 150-179), со пет поени (пет победи и шест порази), во конкуренција на 353 шахисти од 40 држави.
Николовски почна со три порази, а потоа следуваа шест победи во низа, меѓу кои во седмото коло против летонскиот велемајстор (ВМ) Игор Коваленко (рејтинг 2.643). Во осмото коло во реми-позиција загуби белорускиот ВМ, Алексеј Александров (рејтинг 2.574).
– Генерално сум задоволен од пласманот. Целта ми беше да има интересни партии, а така и беше. Првите три партии ги изгубив, но продолжив да се борам и успеав да се вратам со шест победи во низа и на крајот да бидам околу 100 места над почетниот ранг, што за мене е успех.

Ова ЕП се играше со брзо темпо и зависеше од одлуки што се донесуваа во секунда, па според тоа сѐ можеше да се случи во партијата. Со оглед на тоа дека ЕП беше за играчи со рејтинг над 2.300 поени, секој секого можеше да победи. Сепак, претпочитам играње со стандардно или со забрзано темпо, а брзиот шах го сметам за добра забава – ни изјави Николовски.
Во вчерашното полуфинале, кое се играше во четири партии, плус евентуален т.н. армагедон, ако е нерешено, двојките беа Алексеј Широв (рејтинг 2.662) – Матијас Блубаум (2.670) и Давид Навара (2.697) – Гаваин Џонс (2.670), по што следуваше и финалето.
ЕП беше во организација на Европската шаховска унија (ЕЦУ) и на домаќинот, полскиот град Катовице, а се играше со темпо на размислување од по три минути, плус две секунди по играч по секој потег.