РАКОМЕТ

Веспрем, Мешков, Мотор, Монпелје, Динамо Букурешт и Елверум се екипите што добија вајлд-картa за учество во ракометната Лига на шампионите (ЛШ), одлучи Извршниот комитет на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Покрај овие шест екипи, директно место во групната фаза во ЛШ, обезбедија екипите на Вардар, Загреб, Фленсбург, Кил, Киелце, Барселона, ПСЖ, Сегед, Порто и Алборг. Барабаните треба да бидат објавени денеска, а ждрепката е закажана на 2 јули во 11 часот.
Сепак, според информацијата на ЕХФ, настапот во ЛШ на македонскиот првак Вардар е доведен во прашање. Имено, ЕХФ потенцира дека ланскиот настап на црвено-црните во ова елитно натпреварување било под одредени услови, кои не биле исполнети од страна на скопјани. Затоа ЕХФ во процесот на регистрација за новата сезона бара од Вардар да уплати еден милион евра како депозит на две рати. Првата до 13 јули, а втората на 27 јули. Депозитот ќе биде искористен за покривање на долговите што клубот ги има кон дел од ракометарите што играле во минатите сезони, кога спонзор на Вардар беше Сергеј Самсоненко. Доколку Вардар не го исполни овој услов, неговото место ќе го заземе словенечкиот клуб Горење.