ДЕСНИОТ БЕК МАРИЈА ГУГУЛЈАНОВА ГО ПРОДОЛЖИ ДОГОВОРОТ
СО ЖРК МЕТАЛУРГ

Ракометната игра станува сѐ побрза и затоа неизбежно е вклучувањето на видеотехнологијата и во ракометот, по примерот на голем број тимски и индивидуални спортови, вели десниот бек на Металург, Гугулјанова

Вистинско време е челниците на европската и на светската ракометна федерација малку повеќе да размислат за модернизација на ракометните правила, со воведување ВАР-систем, тренерски челинџ и ограничување на нападот, бидејќи ракометната игра станува сѐ побрза и неизбежно е вклучувањето на видеотехнологијата и во ракометот, по примерот на голем број тимски и индивидуални спортови, смета десниот бек на Металург, Марија Гугулјанова, која е една од четирите ракометарки што во пресрет на подготовките за новата натпреварувачка сезона ја продолжија верноста со женскиот ракометен клуб Металург.
– Мислам дека со воведувањето на ВАР-системот и на играчите и на тренерите, па и на судиите, ќе им бидат многу полесни воочувањето и решавањето деликатни ситуации во одлучувачките моменти, без да му се наштети на некој од актерите на теренот. Поради тоа се наметнува и потребата од воведување тренерски челинџ, бидејќи многупати досега кога тренерите реагираат на судиска одлука добиваат санкција, а подоцна кога ќе се прегледува снимката од натпреварот, се гледа дека тренерот сепак бил во право – вели Гугулјанова, која додава дека е неизбежно и воведувањето ограничен напад, оти модерниот и сѐ побрз ракомет го наложува тоа, а со воведувањето на тоа правило би се минимизирало влијанието на судиите, кога е во прашање пасивноста на нападот.

Младата и талентирана Гугулјанова седум години е дел од тимот на Металург, а со ракометот се запознала на 10-годишна возраст, кога во родното Валандово се запишала во ракометната школа предводена од тренерката Олгица Танчева.
– Моите вистински ракометни чекори ги направив на 14-годишна возраст кога дојдов во Скопје и се запишав во средното фискултурно училиште „Методиј Митевски-Брицо“ и станав дел од кадетско-младинската екипа на Металург, со која двапати бевме кадетски и четири пати младински прваци на Македонија – вели десниот бек на Металург, која додаде дека е благодарна на посветената и напорна работа на тренерите во Металург од кои научила многу работи и карактерно се изградила како личност и како спортист.

Иако сезонава имаат малку изменет состав, девојките од „Автокоманда“ амбициозно влегуваат во новата сезона, со цел освојување на двојната круна во домашниот шампионат и Купот и добра презентација на европската ракометна сцена во рамките на Купот на ЕХФ, каде што за противник го имаат тимот на Дуделанж од Луксембург.
– Двојната круна е наша амбиција и цел во домашното првенство, а посакуваме и солидна презентација во рамките на ЕХФ-купот – истакна Гугулјанова, чиј пример за напредок и усовршување е норвешката репрезентативка Нора Мерк, која е една од најдобрите десни бекови во светот, а сето тоа се совпаѓа и со нејзината амбиција во иднина да стане дел од некој од големите европски ракометни гиганти, кои играат во најсилното клубско натпреварување, Лигата на шампионите.