Момент од мечот Германија - Данска (31-23)

Синоќешното финале во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје беше историско и за Германија и за Египет, со оглед на тоа што ова е првпат нивни селекции да обезбедат пласман во финалето во оваа натпреварувачка категорија

Во финалето на Светското првенство (СП) за ракометари до 19 години, во Скопје, за златото и титулата светски кадетски првак се бореа селекциите на Египет и на Германија. До завршната битка и двете репрезентации стигнаа преку доминантна игра и убедлива победа во полуфиналните дуели над Португалија, односно Данска. Во мечот со Португалија, на кој имаше вкупно 77 гола, „фараоните“ целосно го употребија својот напаѓачки потенцијал, славејќи со 41-36.

Како што одминуваа натпреварите на шампионатот, селекцијата на Германија стануваше сѐ помоќна. Благодарение на дисциплинираната и цврста игра, избраниците на селекторот Ерик Вудке забележаа сигурна победа над Данска со 31-23, која, пак, во меѓувреме поради повреди загуби тројца ракометари од почетната седморка, капитенот Симон Питлик, левиот бек Магнус Јенсен и левото крило Себастијан Скот.

Синоќешното финале во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје беше историско и за Германија и за Египет, со оглед на тоа што ова е првпат нивните селекции да обезбедат пласман во финалето во оваа натпреварувачка категорија.

Според статистиката во досегашниот тек од првенството, финалниот меч меѓу Египет и Германија беше судир меѓу најдобриот напад и најдобрата одбрана на шампионатот.

Со 276 постигнати гола или 34,5 по натпревар „фараоните“ до финалето го имаа најдобриот напад на првенството, додека, пак, со 177 примени гола или 22,13 по меч „панцирите“ ја демонстрираа најцврстата одбрана на Мундијалот. Нападот на Германија има просек од 29,5 гола по меч, додека, пак, одбраната на Египет примала по 26,25 гола по натпревар.

Споредбените статистики во пресрет на финалниот меч покажуваа дека тимската игра е одлика и на двете селекции, Германците меѓусебно проигрувале 110, а Египет 102 пати. Дека дисциплината во нападот е одлика на германскиот состав зборува и фактот што Германија е селекција со најмалку технички грешки (72) или во просек девет по натпревар, додека кај Египет изнесува 12,6 по меч.

Во пресрет на синоќешното финале, ракометари од кои најмногу се очекуваше кај Египет, беа двата најдобри стрелци, бековите Хасан Ахмед Валид со 43 и Ахмед Хесхам со 40 гола, како и голманот Мохамед Абделирехман со 73 одбрани од 219 упатени удари кон неговиот гол или 9,13 во просек по натпревар. Кај Германците, пак, централната улога ја имаа организаторот на играта, Јулијан Костнер, левиот бек Филип Ахонансу, десниот бек Јесине Медеб, како и двата чувари на мрежата, Јоханес Јепсен и Лукас Диедрич.


Серафимов во трка за најдобар стрелец и МВП

Во пресрет на вчерашното финале на СП, македонскиот десен бек Мартин Серафимов со 49 гола и 37 асистенции, беше прв на листата за најкорисни ракометари (МВП) на Мундијалот со 86 поени. Единствен што вчера можеше да го престигне според бројот на голови, беше египетскиот лев бек Хасан Валид, кој пред финалето имаше 43 гола и 10 асистенции, а со 40 гола и 30 асистенции за признанието најкорисен ракометар во конкуренција беше и централниот бек на Египет, Ахмед Хесхум.


РЕЗУЛТАТИ
меч за седмо место
Исланд – Шпанија 26-30
меч за петто место
Франција – Унгарија 20-31
меч за трето место
Португалија – Данска
финале
Египет – Германија
ПЛАСМАН
5. Унгарија
6. Франција
7. Шпанија
8. Исланд
9. Јапонија
10. Хрватска
11. Шведска
12. Норвешка
13. Македонија
14. Аргентина
15. Словенија
16. Тунис
17. Бахреин
18. Кинески Тајпеј
19. Србија
20. С. Арабија
21. Бразил
22. Чиле
23. Нигерија
24. Канада