Фото: Маја Јаневска-Илиева

Се очекува неколку илјади Македонци да ја претворат „Градската сала“ во Виена во арена каде што навивачката фаланга ќе се радува на победи на македонската ракометна репрезентација

Мирко Постоловски
специјално од Виена за „Нова Македонија“

Сонувај. Победи. Запамети. Тоа е официјалното мото на 14-то ракометно Европско првенство (ЕП) што се игра во Норвешка, Шведска и во Австрија. Тоа е и мотото на македонското дуо од репрезентацијата, Филип Талески – Филип Кузмановски, кои мечевите од групата Б со македонската селекција ги играат во Виена (вчера беше мечот со Украина, утре од 16 часот е дуелот со Чешка, а во вторник од 18.15 часот е натпреварот со Австрија).

Талески, кој своето професионално деби го имаше со 17 години за Металург, четврти пат ќе настапи на едно големо натпреварување. Притисокот е минато, а актуелната комбинација на младост и на искуство смета дека е добитниот рецепт за добар настап во Виена.

– Имаме добра комбинација и сметам дека сме доволно зрели за еден добар успех. Откако го сменив клубот, ми се зголеми минутажата, ми се крена самодовербата и сега многу полесно играм и верувам во добар настап на ЕП – вели десниот бек.
Кузмановски е уште еден ракометар од кого се очекуваат голови. За него притисокот е очекуван, а сонува за остварување на сонот – квалификации, па пласман на Летните олимписки игри.

– Притисокот е составен дел од ракометот и, еве, неколку години се бориме со него. Голем хендикеп ќе биде неиграњето на стандардниот Велко Маркоски, поради повреда на окото. Без него беше незамислива македонската одбрана последниве неколку шампионати – вели Кузмановски.

Се очекува неколку илјади Македонци да ја претворат „Градската сала“ во Виена во арена каде што навивачката фаланга, која во Виена ќе биде составена од Македонци од цела Европа, ќе се радува на победи на македонската ракометна репрезентација.
– Ќе имаме голема поддршка од трибините. Запознаен сум со тоа дека голем број Македонци што живеат во Виена и во околината ќе бидат дел од натпреварите.

Очекувам да се воспостави добра хемија и заедно да направиме една убава атмосфера, која ќе ја крунисаме со победа. Имаме млади ракометари, кои се желни за игра и кои имаат мотив да се покажат во добро светло на една голема сцена како што е Европското првенство. Треба да направат чекор плус во своите кариери, ќе добијат доволна минутажа да го покажат сиот оној раскош со кој располагаат – вели селекторот Данило Брестовац.


Македонија е фаворит според „Кроне“

Австрискиот дневен весник „Кроне“ ја гледа репрезентацијата на Македонија како фаворит во Виена, во групата од Европското првенство во ракомет.
– Со самото доделување на фаворитската улога притисокот расте, но тоа воопшто не треба да нѐ залажува. Ракометот е спорт број еден во Македонија, доаѓаме од земја каде што Вардар е европски првак двапати во последните три години, бевме први во квалификациската група, имаме доста добри аргументи, што им даваат право да нѐ ставаат во таа улога. Но, сепак, мора да бидеме претпазливи – вели селекторот Данило Брестовац. M.П.


Првиот ден без изненадувања и со неколку одлуки со помош на
видеотехнологијата

Првиот натпреварувачки ден на ракометното Европско првенство во Австрија, Норвешка и во Шведска, помина без резултатски изненадувања. Во групата А победи забележаа репрезентацијата на Белорусија во дуелот со Србија (35-30) и Хрватска на натпреварот со Црна Гора (27-21), а во групата Ц сигурни беа Германија во дуелот со Холандија (34-23) и Шпанија во мечот со Летонија (33-22). По првите четири натпревари на Европското првенство, судиите неколкупати се консултираа со видеотехнологијата. Судиската двојка од Португалија, Дуарте Сантос и Рикардо Фонеска, на мечот Белорусија – Србија, во неколку наврати се послужи со видеотехнологијата за прецизирање на судиските одлуки, за кои двајцата судии имаа спротивставени мислења. Та.Д.

ВИКЕНДОВ НА ЕП 2020
САБОТА
ГРУПА A
Хрватска – Белорусија 16 ч.
Црна Гора – Србија 18.15 ч.
ГРУПА Ц
Литванија – Холандија 16 ч.
Шпанија – Германија 18.15 ч.
ГРУПА E
Унгарија – Русија 16 ч.
Данска – Исланд 18.15 ч.
НЕДЕЛА
ГРУПА Б
Чешка – Македонија 16 ч.
Австрија – Украина 18.15 ч.
ГРУПА Д
Португалија – БиХ 16 ч.
Франција – Норвешка 18.15 ч.
ГРУПА Ф
Швајцарија – Полска 16 ч.
Шведска – Словенија 18.15 ч.


Истовремено ракомет, мјузикл, танц и балет во „Градската сала“

Во комплексот сали во јануари ќе има врвен ракомет, изведба на „Лебедово езеро“ и „Фантомот на операта“, со многу страст ќе се танцува во „Ноќ на танцот“, а месецот ќе биде заокружен со мјузиклот „Убавицата и ѕверот“

„Градската сала“ во Виена, во која се играат мечеви од Европското првенство (ЕП) во ракомет, е организатор на голем број манифестации, концерти и изложби во текот на годината. Над 300 настани се одржуваат годишно, кои ги посетуваат повеќе од еден милион луѓе од Австрија и од странство.
Во комплексот има шест сали со различна големина и еден затворен базен. Најголема е салата Д, каде што се игра ЕП. Голем број уметници одржале концерти тука, од Бритни Спирс, преку Лени Кравиц до „Зи-зи топ“. Сезонава најзвучно е гостувањето на рок-групата „Аеросмит“, во јули.
Виенската „Градска сала“ во центарот на светското внимание беше и во 2015 година, кога беше домаќин на изборот за песна на „Евровизија“. Тенискиот турнир „АТП 500“ е редовно на менито на спортските гурмани, секоја година во октомври. Меѓу победници на турнирот провејуваат големите тениски имиња како Новак Ѓоковиќ, австриската легенда Томас Мустер, како и во моментов најдобриот австриски тенисер Доминик Тим, кој победи лани.
За време на ракометните мечеви, во салата ќе се одржат уште неколку културни настани. Државниот балет „Бољшој“ од Белорусија ќе се претстави со изведбата на „Лебедово езеро“ и „Оревокршачка“, „Фантомот на операта“ во нова германска продукција, а со многу страст ќе се танцува на 19 јануари, на „Ноќ на танцот“, ќе има и танцувачко патување до земјата на сенките… Месецот ќе биде заокружен со мјузиклот „Убавицата и ѕверот“.
– Многу сме среќни што може да понудиме забава за сите вкусови – вели Волфганг Фишер, управен директор на „Градската сала“ на официјалната веб-страница на салата.