Забрзаната игра најмногу доаѓа до израз во реализациите на нападите од т.н. брз центар и од транзициски пробив, кој во споредба со СП 2017 е зголемен за 70 отсто. Иако на ова СП се постигнати најмалку голови во просек по меч, сега ефикасноста е 60 отсто (59 и 58 проценти на претходните две СП)

На 26-то Светско првенство (СП) што се игра во Германија и во Данска ракометната игра добила динамика, пробивност, но и зголемена процентуална ефикасност, кога ќе се споредат досегашните со бројките од последните три мундијали во ракомет.
Исто така, од бројот на покажани жолти картони и досудени исклучувања, може да се заклучи дека на годинашното СП судиите имаат значително построг критериум, во споредба со претходните две СП.

Забрзаната игра најмногу доаѓа до израз во реализациите на нападите од т.н. брз центар и од транзициски пробив, кој во споредба со СП 2017 во Франција е зголемен речиси за 70 проценти. На тоа првенство на 84 меча беа реализирани 329 гола од брз напад, а за истиот број мечеви на СП 2019 бројката порасна на 526.

Иако на ова првенство во Германија и во Данска се постигнати најмалку голови во просек по меч 54,1, во споредба со 55 на СП 2017 и 57,2 на СП 2015, на овој шампионат ефикасноста во проценти е највисока. Сега ефикасноста е 60 отсто, за разлика од претходно кога беше 59, односно 58 проценти.

Овие бројки се показател дека селекциите на ова првенство биле потрпеливи и поконцентрирани во организацијата на сигурни напади при поставена одбрана, што го потврдуваат и бројките од подобрата процентуална ефикасност од одредени позиции (од линијата за седум метри и од контранапад).

На СП 2019 во Германија и во Данска за разлика од СП 2017 во Франција, судиите покажаа далеку построг критериум при санкционирањето на грубите прекршоци.
Тогаш, за разлика од сега, имало повеќе опомени, 403 жолти картони, а помалку исклучувања на две минути 611 и 15 црвени картони, наспроти годинашните 284 жолти картони, 694 исклучувања, 23 црвени и еден син картон. Строг судиски критериум имаше и на СП во Катар 2015 година каде што беа досудени 479 жолти, 14 црвени, еден син картон и 871 исклучување.