Составен дел на секој голем спортски настан се волонтерите, кои во Виена на ЕП ги има околу 300. Австрија вторпат е домаќин на ЕП, а во 2010 година еден од волонтерите беше денешниот капитен на репрезентацијата на Австрија, Микола Билик, кој тоа искуство го оценува како незаборавно, а особено му е драго што може истото тоа да го доживее денес, како играч и како предводник на теренот

Ниеден настан не би можел да функционира и да изгледа вака како што изгледа Европското првенство (ЕП) во ракомет, од кое еден дел се игра во Виена, доколку не се тука вредните волонтери. Австрија вторпат е домаќин на едно ЕП. Во 2010 година комплетниот турнир се играше во Австрија, а тогаш еден од волонтерите беше денешниот капитен на репрезентацијата на Австрија, Микола Билик.

– Тоа беше незаборавно, во салата владееше една фантастична атмосфера. Особено ми е драго што можам истото тоа да го доживеам денес, како играч и како предводник на теренот – вели Билик.
Најдобриот стрелец на турнирот во 2010 година, кој го доби Франција, победувајќи ја Хрватска во финалето со 25-21, беше Чехот Филип Јиха, со 53 гола. Денес тој е тренер на Билик во германски Кил.

Околу 300 доброволци активно учествуваат на ЕП 2020. Процесот на „регрутација“ и обука на волонтерите почна на средината ланилето, а организирањето одеше преку Австриската ракометна федерација.

– За потребите на ЕП имавме оглас на кој се јавија доволен број волонтери, кои без надомест ја извршуваат оваа работа. Секако, во зависност од позицијата на која се поставени, имаа различна обука. Ние во прес-центарот се одлучивме да земеме студенти што студираат новинарство и кои имаат некакви познавања во оваа бранша. Сепак, тоа се лица што ја сакаат оваа работа, па така што дополнителниот стрес ќе им биде мотив, а не тешкотија – рече Петар Карас, раководителот на прес-центарот во Виена.

Повеќе „функции“ имаат волонтерите што беа регрутирани на овој настан. Тимски водичи на репрезентациите, работа во прес-центарот, бришачи на паркетот, носачи на знамиња, водачи на статистика…
– Напорно е, малку е стресно, особено сега, во главната фаза на ЕП 2020, кога има по три натпревари, но забавно е – вели Штефан, кој волонтира во прес-центарот. М.П.