Многу потешко од очекуваното, ракометарите на македонскиот првак Вардар ја впишаа и петтата победа во годинешнава Лига на шампионите (ЛШ), откако попладнево во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, а во рамките на 6-то коло, го совладаа белорускиот шампион Мешков со 30-23.

Со овој триумф црвено-црните сега имаат вкупно 10 бода и ќе го задржат врвот во групата А, најверојатно со Барселона и Киелце, додека Мешков остана на своите четири бода (две победи и четири порази).

Отпорот на Белорусите беше скршен со одлична игра во вториот дел, откако на полувремето беше нерешено 14-14. Пресвртот дојде со вардаровата серија од пет гола, односно кога од 20-19, избраниците на тренерот Роберто Парондо стигнаа до плус шест разлика (25-19), со голот на извонредниот варадров бек Игор Карачиќ.

Гостите се обидуваа со чести измени и тактика на нападот да ја намалат разликата во финишот на средбата, но се беше залудно. Вардар преку левото крило Тимур Дибиров ви 55-та минуа ја оствари најголемата разлика од осум гола (28-20). До крајот се` беше рутинна, за убедливи 30-23.

Најефикасен во редовите на Вардар беше Карачиќ, кој имаше свое шоу на теренот со 11 гола од 14 удари, додека Дибиров и десното крило Иван Чупиќ реализаа по шест пати. Кај гостите најпрецизен беше Александер Шкурински со пет гола. Одличен со 11 одбрани, беше и вардаровиот голман Калифа Гедбан.

Следниот меч во ЛШ, Вардар повторно ќе го игра на домашен терен (11 ноeмври), кога гостува шпанска Барселона.

Г.И.