Фото: Дарко Андоновски

Ја анализиравме нивната игра и верувам дека со добра, мотивирана и цврста игра можеме да им приредиме сериозни проблеми, вели тренерот на Металург, Брестовац

Турскиот првак Бешикташ е денешниот противник на ракометарите на Металург (14 часот, пренос на Арена спорт 2), кои во 8-то коло од Лигата на шампиони (ЛШ) ќе се обидат да му се реваншираат за поразот (22-30) што го доживеаја во 2-то коло од сезонава.
Избраниците на тренерот Данило Брестовац нема да имаат нималку лесна задача, бидејќи спроти себе ќе го имаат искусниот турски состав, кој во сите три претходни меѓусебни дуели, од кои два во минатата сезона и еднаш во годинешнава, славеше над македонскиот вицепрвак (31-27, 32-29 и 30-22). Но, за разлика од дуелот во Скопје пред два месеца, Металург денеска во составот ќе ги има бековските засилувања Александар Шпенде, Миха Пучник и Гонзало Рибеиро.

– Ќе имаме тешка задача против Бешикташ. Имаат квалитетен и искусен состав, кој знае да одговори на секаков тип игра. Ја анализиравме нивната игра во изминатите неколку меча и верувам дека со добра, мотивирана и цврста игра можеме да им приредиме сериозни проблеми. Единствено ме плаши нашата лоша реализација во претходните два натпревара. Доколку го елиминираме тој проблем, верувам дека можеме да направиме изненадување – вели тренерот на Металург, Данило Брестовац.
Најголемата опасност по голот на Металург ќе доаѓа од бековската линија, каде што Немања Прибак, Онур Ерсин и Рамазан Доне одлично соработуваат со искусниот пикер Толга Озбахар, кој, пак, со 35 гола е најефикасен ракометар во турскиот состав.

Во досегашниот тек од сезоната Металург има една победа над Чеховски медведи (25-24) и шест порази, два од Спортинг (26-34, 24-31) и по еден од Силкеборг (25-33), Тартан (24-29), Бешикташ (22-30) и Чеховски медведи (25-33). Бешикташ, пак, сезонава има две победи во гости, и тоа над Металург и над Чеховски медведи (24-22), и пет порази, од кои три на домашен терен, од Татран (22-28), Силкеборг (24-37) и Спортинг (27-33) и два на гости кај Силкеборг (27-34) и Татран (23-27).