Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со моите асистенти ќе настојуваме да донесуваме правилни одлуки, добро да го селектираме тимот и да се подготвиме за сезоната што ни претстои, вели тренерот Данило Брестовац

Ракометарите на Металург во Скопје ги започнаа подготовките за новата сезона. На првиот тренинг недостигаа новиот голман Предраг Мијатовиќ и хрватскиот бек Халил Јагањац, кои на тимот ќе му се приклучат пред заминувањето за Маврово, каде што металурзите до 18 август ќе ја одработуваат главната фаза од подготовките.

– Ни претстои работа цела година. Со овие неколку тренинзи во сала сакам да им го покажам начинот на кој ќе работиме во текот на сезоната. Еден дел од тренингот ќе го работиме во интервали за одржување на физичката подготвеност, а вториот дел ќе биде техничко-тактички. Мислам дека тоа нема да биде напорен ритам и дека сите играчи брзо ќе се приспособат на тој систем. Со паралелната физичка и техничко-тактичка подготовка, вистинската форма би требало да ја постигнеме до почетокот на натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ) – изјави тренерот на Металург, Данило Брестовац, по првиот тренинг.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во однос на лани, во составот на Металург ќе ги нема пикерот Жарко Пешевски, левите крила Вања Илиќ и Давор Палевски, бекот Борјан Маџовски и десното крило Александар Гуглета. Повратници во тимот се Бојан Маџовски, Томислав Јагуриновски и Лука Стојановиќ, а нови имиња во тимот од „Автокоманда“ се хрватскиот пикер Адријан Миличевиќ (20) и младиот српски голман Предраг Мијатовиќ (16).

– Ростерот на играчи е отворен, но јас би бил презадоволен доколку успееме да останеме со овие момци од почеток докрај. Сепак работите најмногу ќе зависат од нив. Ако некој не успее да одговори на обврските, ќе мораме да бараме друго решение. Во следниот период ќе видиме како ќе функционираме како тим, па ако нешто ни недостига, најверојатно ќе пополнуваме со некој квалитетен млад странски ракометар. Со моите асистенти ќе настојуваме да донесуваме правилни одлуки, добро да го селектираме тимот и да се подготвиме за сезоната што ни претстои – додаде Брестовац.
Поради селекторските обврски во кадетската репрезентација на Македонија, која од 10 до 19 август ќе настапи на ЕХФ-шампионатот во Грузија, Брестовац ќе го пропушти првиот дел од подготовките на Металург и првиот натпревар со Вардар во Суперкупот. Во тој период, до 20 август, подготовките ќе ги водат неговите асистенти, Оливер Димитриоски и Петар Мисовски.

Почетокот на регионалната Сеха-лига е закажан за 28/29 август, со стандардните дерби-дуели во 1-то коло. Со гостувањето на Спортинг Лисабон на 15 септември, металурзите ќе ја започнат новата сезона во ЛШ.