Централниот бек на Металург, Грузиецот Иракли Кбилашвили, беше прогласен за најкорисен (МВП) ракометар на турнирот

Ракометарите на Металург го освоија третото место на турнирот Кањижа-куп во Србија, откако во последниот натпревар против српскиот претставник Партизан славеа победа од 28-23 (12-11).

Централниот бек на Металург, Грузиецот Иракли Кбилашвили, кој беше лидер и креатор на играта, беше прогласен за најкорисен (МВП) ракометар на турнирот.
По двата тесни пораза во дуелите со израелскиот Рамат Хашарон (30-32) и хрватскиот вицепрвак Нексе (27-29), ракометарите на Металург одиграа одлично во последниот дуел на турнирот, иако со преполовен состав. Кај металурзите недостигаа двајцата голмани, Даниел Дупјачанец (се повреди во првиот меч), Даниел Ѓорѓески и Дарко Кондев (стомачен вирус) и без претходно отсутните, поради повредите на турнирот во Русија, десното крило Равез Чантурија и левиот бек Марио Танкоски.

Металурзите имаа иницијатива и контролата над резултатот во текот на целиот натпревар, така што тренерот Дамир Стојановиќ имаше можност да ги вклучи во игра сите ракометари од клупата. Во двата последни меча на турнирот, голот на металурзите го чуваше 17-годишниот Предраг Мијатовиќ, кој имаше 20 интервенции, а најдобар стрелец беше десното крило Мице Шилегов со 18 реализации.

По завршувањето на турнирот, Металург синоќа попатно го одигра последниот контролен натпревар во пресрет на почетокот на новата сезона, во кој противник му беше Дубрава.

Прв официјален натпревар сезонава за Металург е дуелот со европскиот и македонски првак Вардар во Суперкупот, на почетокот од септември. Почетокот на сезоната во Суперлигата за Металург е дуелот против Металург 2, на 7/8 септември.