Фото: Игор Бансколиев

Од денеска до петок се играат мечевите во групите А, Б и Г, а од групата В на фајналфор-турнирот се пласира Вардар

РАКОМЕТ

Со денешниот дуел против Еурофарм Пелистер 2, ракометарите на Металург ќе ја почнат одбраната на трофејот во Купот на Македонија освоен во 2019 година. Поради пандемијата на коронавирусот, минатата година во март беа прекинати сите натпреварување во сите конкуренции и не беа прогласени победници во ниту една категорија. Победникот на тој меч, утре ќе биде домаќин на финалето на групата А, во која другата полуфинална двојка (16.30 ч.) е Работнички – КЛ7.
Денеска на програмата се и мечевите во групата Г, во која Бутел ќе му биде домаќин на Јуниор Кисела Вода (18 ч.), а Струга ќе го пречека Охрид (17 ч.). Победникот од првиот меч ќе биде домаќин на утрешното финале закажано за од 17 часот. Поради обврските на Еурофарм Пелистер во Лигата на Европа, полуфиналните мечеви во групата Б ќе се играат утре. Пролет ќе го пречека Прилеп (17 ч.), а Младост ќе му биде домаќин на Еурофарм Пелистер (19 ч.). Финалето во групата Б ќе се игра задутре, а домаќин ќе биде победникот од дуелот помеѓу Пролет и Прилеп. Вардар го завери местото на фајналфор-турнирот, кој треба да се игра од 21 до 23 мај. Вардарци во првиот меч го совладаа Тиквеш (42-24), а во финалето на групата В го победија Радовиш (35-32), кој до финалето стигна по победата над Астраион (39-24). Со 13 трофеи Вардар е рекордер во Купот на Македонија, Металург има шест, Пелистер пет, а по еден трофеј имаат Куманово, Борец и Тутунски комбинат Прилеп.