Одработивме одлични подготовки во кои со силните меѓународни мечеви го збогативме искуството на нашиот тим и ја надградивме нашата игра, рече Брестовац, тренерот на
Металург, пред мечот в сабота во Скопје со хрватскиот првак Загреб

Со мечот од 14-то коло од Регионалната лига ракометарите на Металург в сабота (20.30 ч) во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе ја продолжат натпреварувачката сезона. Со одигрувањето на мечевите од групната фаза во Лигата на шампионите за металурзите заврши сезоната во рамките на натпреварувањата на ЕХФ, а во продолжението од сезоната се уште пет меча од Регионалната лига, како и плејофот во домашното првенство и завршницата на Купот на Македонија.

Паузата за одигрување на Светското првенство во Германија и во Данска Металург максимално ја искористи за кревање на нивото на играта, концентрацијата и уиграноста. Тимот од „Автокоманда“ победи на силниот меѓународен турнир во Гренобл (Франција), каде што беше победен и Бидасоа, второпласираниот тим од првенството на Шпанија, а во рамките на француската турнеја одигра и три силни натпревари со прволигаши од таа земја.

– Одработивме одлични подготовки во кои со силните меѓународни мечеви го збогативме искуството на нашиот тим и ја надградивме нашата игра. Процесот на подготовка за најважниот дел од сезоната, домашното првенство, ќе го продолжиме со циклусот од пет преостанати натпревари од Регионалната лига, кои ќе бидат одлична можност за подготовка на екипата во комплетен состав. Имаме солиден тим, така што не планираме засилувања за пролетниот дел, но, сепак, будно го следиме трансфер-пазарот – изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург.

Мал проблем во пресрет на продолжението на сезоната за Брестовац се ситните повреди со кои се соочуваат левиот бек Александер Шпенде и пикерот Адријан Миличевиќ.

– Шпенде и Миличевиќ имаа мали повреди на коленото, односно на рамото, и тренираат со намален интензитет. Неизвесно е дали ќе бидат подготвени за игра за саботниот меч со Загреб. Но нашиот состав е доволно широк и можеме да се покриеме позициски – додаде Брестовац.