Халил Јагањац беше најефикасен на мечот со седум гола

Ракометарите на Металург загубија на гостувањето кај рускиот првак Чеховски медведи со 25-33, во мечот од 5-то коло од Лигата на шампионите (ЛШ), одигран попладнево.

Чеховски медведи стекнаа предност од пет гола на полувремето (18-13), по што младите металурзи намалија на еден гол негатива (20-21) во 43-та минута, со добра игра на почетокот од вториот дел, но сепак, не успеаја да направат изненадување.  

Бекот на македонскиот претставник Халил Јагањац беше прв стрелец на мечот со седум гола, додека Дмитриј Санталов забележа шест погодоци од исто толку упатени удари, за домаќинот.

Металург беше предводен од клупата од помошниот тренер Оливер Димитриоски, по суспензијата на тренерот Данило Брестовац поради црвениот картон добиен во претходниот меч од ЛШ против Силкеборг.

Металург останува без освоен бод, додека за Чеховски Медвевди ова беше втора победа наспроти трите досегашни порази.

Во следната рунда, Металург е домаќин на Чеховски медведи на 4 ноември.