Фото: Маја Јаневска-Илиева

Среќен сум што пак сум дома и што имам можност да го водам клубот што ми прирасна за срцето. Не сум магионичар што за два дена ќе направи чуда, но можам да ветам дека со мојата напорна работа и со мојата голема амбиција Металург ќе остане лидер во регионот според работата со младите категории и дека заедно со играчите и со стручниот штаб ќе се обидам клубот да го искачиме на едно повисоко ниво, рече Данило Брестовац, новиот тренер на Металург

Селекторот на јуниорската и на кадетската репрезентација на Македонија, Данило Брестовац (43) во следните три сезони ќе биде тренер на македонскиот ракометен вицепрвак Металург. По осумгодишната ера на хрватскиот ракометен стратег Лино Червар, со ангажирањето на младиот тренер Брестовац, тимот од „Автокоманда“ врти нова страница во својата ракометна историја, притоа уна­пре­ду­вајќи го својот создавачки концепт, според кој Металург го доби епитетот „ракометен репрезентативен расадник“.

– Среќен сум што повторно сум дома и што имам можност да го водам клубот што ми прирасна за срцето. Не сум магионичар, кој за два дена ќе направи чуда, но можам да ветам дека со мојата напорна работа и со мојата голема амбиција Металург ќе остане лидер во регионот според работата со младите категории и дека заедно со играчите и со стручниот штаб ќе се обидам клубот да го искачам на едно повисоко ниво. Ја добив поддршката од сопственикот во Металург да примениме современи методи и системи на тренинг стекнати од моето искуство во Шамбери, за да бидеме во чекор со современите тренерски процеси. Отсега од таа наша работа, покрај клубот, ќе имаат полза и македонскиот ракомет и репрезентациите – изјави новоназначениот стратег на Металург, Данило Брестовац.

Тренерската кариера Брестовац ја почна токму во Металург, пред 10 години, како дел од Ракометната академија на Металург, во 2010 година стана дел од стручниот штаб на Червар, како тренер на голманите и аналитичар, а паралелно беше тренер и на младинската екипа на Металург од генерацијата (1996-1998). Неговата посветена работа не остана незабележана ниту од Ракометната федерација на Македонија, која во 2012 година го ангажира како селектор на кадетската репрезентација на Македонија, а веднаш потоа заедно со Ивица Обрван стана дел од стручниот штаб на А-селекцијата на Македонија.

Поведен од амбициозноста за лично усовршување и за учење, пред три години Брестовац заплива и во интернационалните тренерски води. Почна како помошник-тренер на Обрван во францускиот тим Шамбери, а минатата сезона застана на чело на луксембуршкиот состав Ред бојс диферданж, со кој стигна до фајнал-форот на Купот на ЕХФ.

Својата ракометна кариера Брестовац ја почна како голман во Ѓорче Петров, а потоа почна да чекори и да созрева низ Работнички, Вардар, Тутунски комбинат, Вилфранж од Лион (Франција), а својата голманска кариера ја заврши во Металург.
Од поновата историја на Металург, Брестовац е 11-от тренер што седнува на клупата на тимот од Автокоманда. Негови претходници беа Червар, Звонко Шундовски, Јовица Цветковиќ, Јошко Петковиќ, Славко Новаковиќ, Љупчо Савевски, Гино Стрезовски, Цане Велјановски, Крсто Петрушевски и Никола Богдановски-Коле.


Благодарност до Червар за сѐ што направи за Металург и за македонскиот ракомет

Претседателот на Металург, Зоран Цветановски, искажа јавна благодарност до Лино Червар за осумгодишната посветена работа и успесите што ги направи на чело на Металург.

– На сите ни беше јасно дека ќе дојде ден кога Металург ќе влезе во фаза „по Червар“, а денеска е тој ден. Како клуб сакаме да изразиме огромна благодарност до господинот Червар за сѐ што направи за нашиот клуб и за македонскиот ракомет во изминатите години. Тој повеќе не е со нас, се враќа на чело на Загреб, а нам ни останува да го задржиме курсот и понатаму да продолжиме со квалитетна работа – рече Цветановски.
Според зборовите на Цветановски, клупската стратегија останува иста, работа со млади ракометари и давање шанса да се промовираат на сениорски план, не само во домашното првенство туку и во ЛШ и во Регионалната лига.

– Металург и понатаму ќе го има истиот курс, оној по кој е познат и во Македонија и во Европа – создавање млади ракометари што преку нашиот клуб се афирмираат и стануваат имиња. И во следната сезона ќе имаме млади ракометари што ќе ја добијат својата шанса, така што во тој поглед воопшто нема потреба да се грижиме за иднината – рече Цветановски.


„Ќе има место само за оние што ќе сакаат да работат и да напредуваат“

Приоритетите и амбициите на македонскиот вицепрвак Металург остануваат исти како и досега, а тоа е работата со млади играчи, кои би заиграле на високо ниво во сениорски клубови, а потоа би заминале во странство.

– Мојата цел, а и целта на Металург, е јасна. Металург да биде фабрика што ќе произведува играчи за големите европски клубови. Во нашиот клуб ќе има место само за оние што ќе сакаат да работат, да се посветат на работата и да напредуваат. Ќе имаме можност сето тоа да го ставиме во функција, а по три години ќе можеме да повлечеме линија и да видиме што сме успеале да реализираме од поставените планови – рече Данило Брестовац, новиот тренер на Металург.