Фото: Маја Јаневска-Илиева

Металург ги претстави засилувањата, Словенците Александар Шпенде (28) и Миха Пучник (30), како и Португалецот Гонзало Рибеиро Грача (21), на денешната прес-конференција во СЦ „Борис Трајковски“, во пресрет на мечот од ракометната Лига на шампионите (ЛШ) против Чеховски медведи, в недела (17 часот).

Пучник како и Шпенде, се ракометари што во своите јуниорски денови биле дел од младата репрезентацијата на Словенија, а јуниорски репрезентативен статус има и Грача, кој наедно е и првиот португалски ракометар, кој ќе игра во македонски тим.

Сите тројца играат на левата и централната бековска позиција, така што тренерот Данило Брестовац ќе добие далеку побогата ротација на надворешните бековски позиции, а исто така добива ракометари што играат во два правца – одбрана и напад.

– Завршивме добра работа со новите засилувања. Благодарност на сите во клубот кои го дадоа максимумот за да се реализираат овие три трансфери во краток период. Се надевам дека новите играчи брзо ќе се вклопат и со своите индивидуални квалитети ќе донесат квалитет на тимот, вели тренерот Данило Брестовац.

Што се однесува до дуелот со „Медведи“, тој побара поддршка од публиката за остварување на првата победа сезонава.

– Чеховски се квалитетен противник. Се обидуваме преку анализи да ги најдеме нивните слаби страни. Се надевам дека публиката ќе ни даде поддршка. Ние создаваме еден нов Металург, ги направивме првите чекори кон враќање на оној стар Металург – додаде Брестовац.