На Металург му претстојат најмалку седум меѓународни натпревари во Лигата на Европа и 14 во разигрувањето за титула во домашното првенство и во натпреварите од Купот на Македонија. Поради репрезентативните обврски на некои од интернационалците, тренерот Оливер Димитриоски ќе ги почне подготовките со некомплетен состав

РАКОМЕТ

Со денешниот попладневен тренинг, ракометарите на Металург ќе ги почнат подготовките за пролетниот дел од сезоната, во кој им претстојат најмалку седум меѓународни натпревари во Лигата на Европа, 14 во разигрувањето за титулата во домашното првенство и во натпреварите од Купот на Македонија.
Поради репрезентативните обврски на некои од интернационалците од редовите на Металург, тренерот Оливер Димитриоски ќе ги почне подготовките со некомплетен состав. Подготвителниот период металурзите ќе го одработат во салата „Автокоманда“ во Скопје, а до почетокот на официјалните обврски е предвидено да одиграат и неколку пријателски натпревари.
Пролетниот дел од сезоната за металурзите треба да почне на 9 февруари, со меч од 7. коло од Лигата на Европа, во кој за противник ќе го имаат францускиот претставник Тулуз, во Скопје. Седум дена подоцна треба да му гостуваат на полскиот вицепрвак Висла, во меч од 8. коло, а на 23 февруари на програмата е реванш-дуелот со австрискиот Фиверс.
Мечот од последното, 10-то коло од Лигата на Европа сезонава со Адемар Леон е предвиден за 2 март, а во меѓувреме ЕХФ треба да ги одреди датумите за трите одложени дуели, со Висла Плок на домашен терен и двомечот со Чеховски медведи.
Почетокот на разигрувањето за титулата во домашното првенство е предвиден за крајот на февруари, а тоа би требало да заврши кон крајот на мај.