Златко Хорват

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛИГАТА НА ЕВРОПА

Со предност од седум гола ракометарите на Металург ќе влезат во реванш-дуелот од првото квалификациско коло за пласман во Лигата на Европа, со хрватскиот тим Спачва од Винковци, откако во првиот дуел во Скопје славеа со 35-28 (17-12).
Најефикасен во составот на Металург со шест реализации беше хрватското десно крило Златко Хорват, а по пет пати погодија Марко Тарабокоја, Милан Поповиќ и Мартин Серафимов.
– За секој играч, секогаш најтежок е првиот официјален меч во сезоната и затоа сметам дека почетните минути од натпреварот беа изедначени и со грешки на двете страни. Свесни бевме за важноста на натпреварот и потребата да го завршиме со што повисока победа и тој притисок придонесе за дополнителна трема и брзоплетост во почетните минути. Но како што одминувше натпреварот работите почнаа да си доаѓаат на свое место, иако сметам дека мечот требаше да го завршиме со поголема разлика.

Верувам дека искуството и квалитетот се на наша страна и дека седумте гола се солидна предност за реваншот во Винковци – вели Хорват.
Металурзите уште од самиот почеток на мечот наметнаа свое темпо и контрола на играта и резултатот, така што по 15 минути игра тие целосно го скршија отпорот на гостите на кои ова им е прв излез на европска сцена.
– Задоволен сум од резултатот, но не и од играта на мојот тим, поконкретно од одбраната. Во ниту еден момент Спачва не нѐ изненади со својата игра, но ние во одредени периоди не функциониравме како што се договаравме. Пред нас се четири дена во кои ќе треба да ја коригираме играта во одбраната и да поработиме на концентрацијата и пристапот во клучните моменти кога треба да се гради резултатот – рече тренерот на Металург Зоран Кастратовиќ.

Реванш-натпреварот во Винковци е закажан за в сабота (од 19.30 ч.).
– Свесни бевме каде доаѓаме и против кого ќе играме. Металург има искусен и квалитетен тим составен од врвни ракометни имиња. Ќе лажам ако кажам дека не посакувавме изненадување, имавме и желба и мотив, но неискуството на нашата екипа, наспроти искуството и квалитетот на Металург беа пресудни. Седум гола разлика е солидна предност, не велам недостижна, но ќе бидам задоволен доколку забележиме каква било победа со која ќе ја наградиме верноста на нашите навивачи – изјави тренерот на Спачва Јосип Мечиќ, кој додаде дека реваншот во Винковци ќе се игра пред публика.

Вториот македонски претставник во класификациите за пласман во ЛЕ, Бутел, е елиминиран во првото коло од унгарскиот претставник Ѓенѓеш (двата натпревари се одиграа минатата недела, во првиот победи Ѓенѓеш со 34-21, а во вториот Бутел со 25-24).
Пласман во второто квалификациско коло, но без борба, обезбедија дански Хостелбро, полскиот Азоти Пулави и шведскиот Кристијанстад по откажувањето на двата норвешки претставници Атендал и Хаслум, како и исландскиот тим Валур.
Во преостанатите дуели од 1-то коло убедлива победа забележа романска Констанца во дуелот со рускиот тим Виктор со 26-18, Бенфика славеше со 28-26 над австриски Фивер, швајцарски Луцерн беше подобар од хрватска Дубрава со 29-27, Скјерн минимално славеше над Малме со 27-26, а домашниот терен не го искористија португалски Белененсес, во дуелот со Тримо од Требиње, кој на гости славеше со 28-23, како и романска Турда, која загуби во дуелот со третиот хрватски претставник во квалификациите, Горица со 24-26. СКА Минск и ЦСКА Москва одиграа нерешено 25-25.

Синоќа играа Силкеборг и Мелсунген, а дуелите од првото квалификациско коло помеѓу Еш и Винтертур односно помеѓу Екс Прованс и Бидасоа Ирун се одложени. 


РЕЗУЛТАТИ, 1. КОЛО

ДВОЈКА                                     ПРВ МЕЧ               РЕВАНШ
Металург – Спачва                     35-28                   сабота
Бенфика – Фиверс                      28-26                   сабота
Луцерн – Дубрава                      29-27                   сабота
Белененес – Тримо                     23-28                   сабота
Турда – Горица                          24-26                    сабота
Скјерн – Малме                          27-26                    сабота
СКА Минск – ЦСКА Москва          25-25                   недела
Констанца – Виктор                    26-18                   недела
Ѓенѓеш – Бутел                           34-21                   24-25
Валур – Холстебро                      0-20,                   службено
Хаслум – Азоти Пулави               0-20,                   службено
Кристијанштад – Арендал           20-0,                   службено
Силкеборг- Мелсунген                синоќа                недела
Екс Приванс – Бидасоа               одложено
Еш – Винтертур                          одложено