Фото: Дарко Андоновски

Металург е во посилниот барабан, во кој се и Магдебург, Левен, Шамбери, Силкеборг, Фуксе Берлин, Ла Риоха…, а можни противници во 3. коло од Купот на ЕХФ пред денешната ждрепка се Олимпијакос, Плзен, Екс Прованс, Минск, Малме, Адемар, Бенфика, Горење, Запорожје, Горњик, Винтертур…

Со комплетирањето на натпреварите од 2. коло од Купот на ЕХФ се издвоија потенцијалните противници на Металург, кој, благодарение на својот рејтинг, ги прескокна првите две елиминациски кола. Второто коло беше последната европска станица за Пелистер и за Бутел, кои на патот кон 3. коло беа запрени од швајцарски Винтертур, односно од украински Запорожје. Битолчани уште по првиот меч ги загубија шансите за пласман понатаму, така што швајцарскиот тим го доби двомечот со 72-37, меѓутоа малерозна беше елиминацијата на Бутел, кој од првиот меч имаше предност од четири гола и мечот во Украина го загуби со гол во последната секунда (43-42).

Во пресрет на денешната ждрепка (11 ч.) во Виена, Металург ќе биде во првиот барабан заедно со, на пример, Магдебург, Левен, Шамбери, Силкеборг, Фуксе Берлин, Ла Риоха… Тие за противници ќе добијат еден од тимовите во вториот барабан, каде што се, на пример, Олимпијакос (Грција), Плзен (Чешка), Екс Прованс (Франција), СКА Минск (Белорусија), Малме (Шведска), Алпла Хард (Австрија), Адемар Леон (Шпанија), Бенфика (Португалија), Горење (Словенија), Запорожје (Украина), Азоти Пулави (Полска), Горњик (Полска), Чургу (Унгарија), Арендал (Норвешка), Бохолт (Белгија) и Винтертур (Швајцарија).

Како непосакувани противници на патот на Металург во 3. коло прво се издвојуваат шпанскиот Адемар Леон, францускиот Екс Прованс и португалска Бенфика, а следни се Алфа Хард, Плзен и Винтертур. Меѓу посакуваните тимови за Металург се, на пример, белгискиот Бохолт, Запорожје, норвешкиот Арендал, полскиот Горник, шведскиот Малме…

Последен пат Металург настапи во Купот на ЕХФ во сезоната 2010/2011, кога стигна до осминафиналето (ги победи Мешков и Иври, а загуби од Гепинген), а негов најдобар резултат во ова натпреварување е четврт-финалето во сезоната 2007/2008 (победи над Строволос, Савехоф и над Гранолјерс, пораз од Копер).
По мечевите од третото коло следува групна фаза, во која ќе настапат 16 тима, поделени во четири групи.