Даниловски, Димитриоски и Шпенде во акција на мечот со Чеховски медведи Фото: Дарко Андоновски

Добивме ротација плус, поразновидна и потимска игра, со можност да одговориме на секој тип одбрана и на секој противнички напад. Се надевам дека ова се одлични предуслови за добра игра и за добар резултат, кој ќе ја врати публиката во салата, бидејќи сите знаеме дека гледачите сакаат победи, срце на терен, борбена игра и континуитет, рече Брестовац, тренерот на Металург, по победата над Чеховски, со 25-24, во 6-то коло од ЛШ

Борбената и цврста игра, дополнета со огромен мотив за реванш и за добра партија, резултира со прва победа на младиот Металург во ракометната Лига на шампионите (ЛШ). Во мечот од 6-то коло, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, во неделата беше надигран рускиот првак Чеховски медведи, со 25-24 (16-10), кој пред три недели го победи Металург со 33-25. Подновен тим, нова игра и нова енергија ги раздвижија ракометарите на Металург, кои како ретко кога сезонава одиграа одличен, тимски и борбен натпревар.
– Среќен сум за нашата прва победа во ЛШ. Среќен сум и што сега имаме поголем и поквалитетен тим, со можност за повеќе ротации. За овој краток период што сме заедно, одигравме максимално. Одличната игра во одбрана, на чело со Никола Даниловски, беше главниот елемент на победата. Во второто полувреме повторно имавме пад, но цело време водевме и ја заслуживме оваа победа – изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург.

Иако „задоцнети“ и со многу краток период за подготовка и уигрување, новите засилувања на Металург, Словенците Александер Шпенде и Миха Пучник и Португалецот Гонсало Рибеиро го оправдаа ангажманот уште во првиот натпревар, внесувајќи нов позитивен бран и сигурност во играта.

– Многу краток временски период сме заедно и многу е тешко на тренинг да се видат сите позитивни и негативни работи и навики кај играчите. Овој натпревар ни даде одредена слика за нивните можности и сега ќе ми биде полесно да ги комбинирам во играта. Уште на првиот натпревар се виде дека со нивното доаѓање нашиот тим доби ротација плус, поразновидна и потимска игра, со можност да одговориме на секаков тип одбрана и на секој противнички напад. Се надевам дека ова се одлични предуслови за добра игра и за добар резултат, кој ќе ја врати публиката во салата, бидејќи сите знаеме дека гледачите сакаат победи, срце на терен, борбена игра и континуитет – рече Брестовац.

Разновидната, тимска и борбена игра во мечот со Чеховски медведи придонесе дури 10 ракометари на Металург да се запишат во листата на стрелци (на претходните мечеви најчесто по осум, еднаш девет). Најефикасен беше Димитар Димитриоски, со пет гола, по четири постигнаа Анте Токиќ, Мартин Серафимов и Шпенде, три гола имаше Рибеиро, а по еден додадоа Милан Лазаревски, Марио Танкоски, Мартин Велковски, Адријан Миличевиќ и Пучник. Даниловски нанижа 13 одбрани, а Мартин Томовски одбрани три седмерци.

Згуснатиот распоред на натпреварите не да му оди во прилог на Металург за доуигрување со новите ракометари, бидејќи веќе утре (17.15 часот, пренос на МТВ) на распоред е мечот од 8-то коло од Регионалната лига, во кој ќе ја пречекаат романска Стеауа. Веќе в четврток (19 часот), исто така, на домашен терен, ќе го играат мечот со португалскиот првак Спортинг во 7-то коло од ЛШ.

– Ова е навистина ретка ситуација, во која ќе треба да ја подготвувам екипата за два натпревара едноподруго. И како тренер, но и кога бев играч, не сум бил во ваква или слична ситуација. За нас секој натпревар е важен. Регионалната лига ни е важна, бидејќи нашите играчи низ овие натпревари се стекнуваат со потребното интернационално искуство, без притисок за победа, кое многу им користи во натпреварите од ЛШ. Не знаеме со каков состав ќе дојде Стеауа, но ќе се подготвиме за нив и се надевам дека ќе демонстрираме убава игра, па нека победи подобриот – вели Брестовац.