Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одработивме два тематски тренинга за да создадеме противигра на тоа што го игра Железничар и верувам дека има со што да го изненадиме, вели Брестовац, тренерот на Металург, пред денешниот дуел во Ниш, во Регионалната лига

Ракометарите на Металург денеска (17 часот, пренос на МТВ) ќе му гостуваат на српскиот вицепрвак Железничар, во меч од 15-то коло од Регионалната лига, во кој избраниците на тренерот Данило Брестовац повторно ќе се обидат да одиграат добар и борбен дуел, по победата минатата недела на гости кај некогашниот европски првак Стеауа.

– И во овој меч од ракометарите ќе барам континуитет во добра и борбена игра и дополнително кревање на нивото на игра во сите сегменти. Во пресрет на мечот одработивме два тематски тренинга за да создадеме противигра на тоа што го игра Железничар и верувам дека ќе има со што да ги изненадиме. И овој пат ќе настапиме без Александер Шпенде, што ќе биде голем хендикеп за нас, но добро е што се враќа Адријан Миличевиќ – изјави Брестовац.

Металург и Железничар првпат сезонава се сретнаа во Скопје во дуел од 6-то коло, кога минимална победа со 30-29 славеше гостинскиот тим од Ниш. Денешниот натпревар ќе биде добар мотив за избраниците на Брестовац да одиграат борбен натпревар, да им се реваншираат нишлиите и да го задржат победничкиот курс.
Во досегашниот тек од сезоната Металург и Железничар се израмнети, со по три победи и едно реми и со по 10 бода се на осмата, односно на деветтата позиција на табелата.


Регионално дерби за врвот

Ракометарите на Вардар денеска (20.15 часот, пренос МТВ) во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје во меч од 15-то коло од Регионалната лига ќе го пречекаат хрватскиот првак Загреб во директен дуел за преземање на лидерската позиција на табелата. Сега првопласиран е хрватскиот вицепрвак Нексе, кој има 36 бода (и еден меч повеќе), колку што имаат второпласираниот Загреб и третопласираниот Вардар.
– Денес и в сабота ни претстојат два многу тешки натпревара, во Регионалната лига и во Лигата на шампионите. И Загреб и ние имаме сигурен пласман на завршниот турнир, но сакаме добар меч и победа, за потоа со позитивни сили да се насочиме кон подготовка за дуелот со Монпелје во ЛШ. Сергеј Горбок и понатаму е на листата со повредени, а неизвесен е и настапот на Вуко Борозан – изјави Роберто Гарсија Парондо, тренерот на Вардар. Та.Д.