Металург во јануари победи на турнирот во Гренобл

Подготовките за новата сезона почнуваат на 29 јули, прво во Скопје, а потоа и на Копаоник. На турнирите во август, Металург во Москва ќе игра со Мешков, Стеауа и со Чеховски м., а во Кањижа со Нексе, Партизан и со Рамат Шарон

Подготовките за новата сезона ракометарите на Металург ќе ги почнат на 29 јули, за кога е закажан и првиот собир со новиот тренер Дамир Стојановиќ во Автокоманда. За ракометарите на Металург, годинашната сезона официјално ќе почне во почетокот на септември со меч од Суперкупот на Македонија во кој противник ќе им биде градскиот ривал Вардар, а почетокот на натпреварите од Суперлигата е предвиден за 7/8 септември.

Од 29 јули до 5 август металурзите ќе тренираат во салата во Автокоманда, а од 6 до 12 август ќе заминат на висински подготовки на Копаоник, каде што е предвидено екипата да работи на кондициска и на техничко-тактичка подготовка.

– Запознавање со планот и со програмата за работа и поставување цели за сезоната ќе бидат тема на нашиот прв собир, кој е предвиден за 29 јули. Потоа седум дена ќе тренираме во Скопје за новите играчи и тренерите да се адаптираат меѓусебно, а потоа подготовките ќе продолжат на Копаоник каде што ќе го зголемиме интензитетот на работа и каде што ќе почнеме со создавање на база за сите напори што нѐ очекуваат – изјави Стојановиќ.

Во рамките на подготовките за новата сезона, Металург во втората половина на август ќе учествува и на два пријателски турнири, првиот во Русија (Москва), а вториот во Србија (Кањижа).

– По завршувањето на подготовките на Копаоник кратко се враќаме во Скопје од каде што заминуваме на турнир во Москва во организација на Чеховски медведи. Тој турнир ќе биде почеток на уигрувањето на екипата, а следниот турнир во Кањижа ќе го искористиме за завршна техничко-тактичка подготовка на екипата. Август ќе го затвориме со гостински меч во Лесковац, па до почетокот на сезоната формата ќе ја одржуваме во салата во Автокоманда – рече Стојановиќ.

На првиот турнир во Русија (од 15 до 19 август) Металург за противници ќе ги има белорускиот првак Мешков Брест, романска Стеауа и домаќинот, првакот на Русија, Чеховски медведи, а на турнирот во Кањижа (22-25 август) металурзите ќе играат со Нексе (вицешампион на Хрватска), Партизан (Србија) и Рамат Шарон (Израел).