Момент од мечот во Лисабон

Презадоволен сум од играта во првото полувреме, во кое одигравме одлично, и одбранбено и напаѓачки, но не и од второто полувреме, во кое имавме летаргичен почеток, технички грешки и избрзани удари, вели Данило Брестовац, тренерот на металурзите

Младите ракометари на Металург го загубија дуелот во 1-то коло од Лигата на шампионите (ЛШ) против искусниот португалски првак Спортинг, со 26-34 (13-13), на гостувањето во Лисабон. Иако сезоната ја започнаа без звучни имиња во составот и без високи амбиции, младите металурзи на теренот во салата „Павилхао Жоао Роча“ излегоа со голема храброст и борбеност, покажувајќи дека можат да држат чекор со многу поискусните и поквалитетни ривали од себе. Но, за жал, немаа сили и концентрација да го задржат истото ниво на игра во текот на целиот натпревар.

– Одигравме две дијаметрално различни полувремиња. Презадоволен сум од играта во првото полувреме, во кое одигравме одлично, и одбранбено и напаѓачки, со три шанси да одиме и на плус три, но не и од второто полувреме, во кое имавме летаргичен почеток, четири лоши напади во низа без завршница, технички грешки и избрзани удари. Спортинг го искористи тој наш пад, направи серија од 4-0, а кога бркаш негатива со млади играчи и мала ротација, враќање во мечот е речиси невозможна мисија. Со тајмаут и ротација се обидов да се вратиме во игра, но нивната подолга и поискусна клупа не ни го дозволи тоа – вели тренерот на Металург, Данило Брестовац.
Дека Металург е на вистински пат и дека му треба само малку за да блесне оваа млада гарда ракометари зборува и фактот што тренерот на Спортинг, Хуго Канела, имаше само пофални зборови за младите металурзи по мечот.

– Задоволен сум со победата, но сакам од срце да му честитам на Металург за одличната игра и карактерот што го покажаа на мечот. Имаат многу млада екипа, која применува многу добар ракомет, со многу дисциплина во играта. Конечниот резултат не е одраз на тоа што се случуваше на теренот. Убеден сум дека во Скопје ќе имаме многу поголеми проблеми отколку дома – рече Канела.

Спортинг дури во последната четвртина од мечот успеа да го скрши отпорот на Металург и да стигне до посакуваната победа на почетокот на ЛШ. Најефикасни во редовите на Металург беа Марио Танкоски со шест, Мартин Серафимов со пет и Милан Лазаревски со четири гола. Кај Спортинг, улогата на први стрелци ја имаа Фабио Чиуфа со шест и Карлос Руезга со пет гола.

Во следното, 2. коло од ЛШ (недела – 17 ч.), Металург ќе биде домаќин на турскиот првак Бешикташ, кој во првото коло дома беше поразен од словачки Татран Прешов, со 22-28.