Фото: Дарко Андоновски

Во спортската сала во Куманово, вечерва, (20.30 часот, пренос на ТВ Телма) треба да се одигра третиот ракометен Суперкуп на Македонија, во кој силите ќе си ги одмерат вечните ривали, актуелниот шампион на Македонија, Вардар и освојувачот на Купот на Македонија, Металург.

Дуелот ќе биде реприза на мајското финале на Купот на Македонија, кога металурзите во истата сала во Куманово го изненадија големиот фаворит победувајќи го на пенали со 33-32 (29-29, 12-16). Денешниот меч и за двете екипи ќе биде одлична можност за освојување на првиот официјален трофеј сезонава.

Улогата на бранител на трофејот ја има Вардар, кој минатата година во Струга славеше над Металург со 33-22. Вардарци наедно се и единствените освојувачи на овој трофеј. Во првото издание на Суперкупот на Македонија во 2017 година беа подобри од финалистот во Купот на Македонија таа година, Еурофарм Работник (30-25).