Ракометарите на Металург го претрпеа вториот пораз во 2-то коло од Регионалната лига (РЛ), овој пат од белорускиот првак Мешков, со 29-41. Иако во Брест отпатуваа во скратен состав, без „бунтовникот“ Филип Кузмановски и повредениот Мартин Велковски, младите металурзи одлично го започнаа натпреварот и беа доминантни во првите 30 минути.

Сепак, немаа сила да го задржат истото темпо на игра во текот на целиот меч. Искусниот состав на Мешков Брест ги консолидира своите редови во втората половина од мечот и лесно стигна до победа и нови бодови. – Задоволен сум што на оваа средба во голем дел од мечот му париравме на противникот, и на технички и на тактички план. Жал ми е што немавме сила да парираме до крајот на натпреварот, во кој победи објективно посилниот противник. Белорускиот тим е многу поискусен и поквалитетен од нас, во својот состав има низа извонредни ракометни имиња, а ние имавме во ростерот само 14 млади ракометари, а сето тоа на крајот влијаеше на резултатот. Нам ни преостанува да ја продолжиме својата работа и на физички и тактичко-технички план, од меч во меч да го зголемуваме периодот на добра, ефикасна и концентрирана игра – вели тренерот на Металург, Данило Брестовац.

Најефикасен во редовите на Металург беше Халил Јагањац, со шест гола, а по четири постигнаа Анте Токиќ, Димитер Димитриоски и Мице Шилегов. Кај Брест нападот го предводеше Александар Шкурински, со осум гола, а еден помалку постигна Петар Ѓорѓиќ. Во следното коло Металург ќе го пречека хрватскиот вицепрвак Нексе, кој имаше одличен старт на сезоната, со две победи, над вечниот ривал Загреб (23-22) и над Извиѓач (24-23).