Фото: Игор Бансколиев

ЗОРАН КАСТРАТОВИЌ, ТРЕНЕР НА ЕСЕНСКИОТ ПРВАК

На Металург се гледа како на национален ракометен инкубатор, база за афирмација и надградба на ракометарите, особено од Балканот. Гледајќи ги пионерската, кадетската и младинската екипа на Металург, можам да кажам дека во овој момент имаме многу квалитетна база од млади ракометари, вели тренерот на Металург, победник на Купот на Македонија за минатата и есенски првак сезонава

Преку својата академија, Металург изгради сопствена база за работа, за развој и за профилирање на македонските ракометари во идни членови на националните селекции, без разлика за која возраст станува збор. Металург е клуб што има реноме во работата со младите македонски играчи, а на Металург, како на ракометен бренд и надвор од Македонија, се гледа како на база за афирмација и за надградба на ракометарите, особено од Балканот. Гледајќи ги пионерската, кадетската и младинската екипа на Металург, можам да кажам дека во овој момент имаме многу квалитетна база од млади ракометари, а нашите играчи се дел од сите млади национални репрезентации, вели тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ.
Во македонски и во европски рамки, Металург изминативе десетина години го носи епитетот ракометен репрезентативен расадник, што се должи на големиот број млади квалитетни ракометни имиња што претходните неколку години се покажаа во сиот свој сјај пред спортската јавност.

– Голема чест и привилегија претставува за мене тоа што станав дел од Металург, клуб со богато минато, историски резултати и висока позиционираност во македонскиот и во европскиот ракомет. А задоволството е уште поголемо ако се спомене фактот дека сте наследник на плејада врвни тренери што изминативе години го водеа Металург на домашната и на меѓународната сцена. Она што ми се допаѓа од традицијата на клубот е што постапно ги вклучува помладите играчи во сениорскиот состав, нешто што го направивме и во есенскиот дел од сезоната, а таков потег ќе направиме и за претстојните меѓународни натпревари во Франција – вели Кастратовиќ, поранешен селектор на македонската женска ракометна репрезентација и поранешен тренер на најтрофејниот женски македонски тим, Кометал Ѓорче Петров, и кој на меѓународната сцена беше селектор на Црна Гора и на Иран и тренер на Сутјеска и Ал Џаиш.
Зад Металург, актуелниот победник во Купот на Македонија, е првата полусезона од новото првенство, која ја заврши како есенски првак, а тимот доби и драгоцено искуство од дуелите од Купот на ЕХФ со Горење.

– По два месеца заедничка работа на сите структури во клубот, особено на играчите, и воспоставувањето добра конекција со стручниот штаб, сметам дека натпреварувачката форма почна да расте со секој тренинг и со секој натпревар. Во периодот што е зад нас направивме неколку квалитетни работи. Пред сѐ, играчкиот состав се адаптира на професионалните обврски и на мене како тренер, од една страна, и јас на нив, од друга страна. Од натпреварувачка гледна точка, тимот не загуби поради тој процес на адаптација. Освоена е титулата есенски првак, а во натпреварите од Купот на ЕХФ, освен деветте минути на првата средба против Горење, кои нѐ чинеа елиминација, сметам дека тимот беше на квалитативно ниво какво што бара едно такво натпреварување. Затоа продолжуваме со напорна и посветена работа, за што поподготвено да ги дочекаме втората полусезона и натпреварите во Купот на Македонија – вели Кастратовиќ.


ВАР и „челинџ“ во ракометот

Неодамна бевме сведоци на неколку „деликатни“ судиски одлуки за време на Светското првенство за жени што се играше во Јапонија. Ако имаше можност за разгледување на судиските одлуки на натпреварите помеѓу Ј. Кореја и Данска, како и на самата финална средба, се поставува прашањето дали епилогот на овој шампионат би бил таков каков што беше. Што ѝ недостига на одбојката? Што загуби таа од својата атрактивност со воведувањето на „челинџот“? Ништо. Би било добро и тренерите во ракометот да имаат можност на по две проверки на одлуките за едно полувреме, нормално со сериозни санкции за истите тие ако се покаже дека со побараните „челинџи“ е нарушена динамиката на играта, без повреда на правилата на ракометна игра, вели Зоран Кастратовиќ, тренерот на Металург.


Металург одново ќе игра на силен зимски турнир во Франција

Репрезентативната пауза за Европското првенство Металург ќе ја искористи за настап на нов меѓународен турнир во Франција на кој ќе учествуваат екипите на Данкерк, Спортинг и на Саран, а пред турнирот во првите денови од престојот во Франција ќе одигра пријателски натпревари и со екипите на Ним и Кретеј. Во февруари 2019 година Металург го освои првото место на силниот меѓународен турнир во Гренобл.
– На овој турнир ќе бидеме во некомплетен состав поради репрезентативните обврски на дел од нашите ракометари, но нивното место ќе го дополниме со играчи од младинските состави, за кои ова ќе биде одлична можност за стекнување меѓународно искуство во натпревари со исклучително квалитетни противници – вели Зоран Кастратовиќ, тренерот на Металург.

[email protected]