По триумфот на турнирот во Гренобл, Металург загуби од Екс ан Прованс во меч во кој тренерот Брестовац им даде шанса на помладите играчи и на тие што имаа мала минутажа или воопшто не играа на турнирот

На подготовките во Франција, ракометарите на Металург го загубија првиот пријателски дуел со францускиот прволигаш Екс ан Прованс, со 17-36. Резултатот беше очекуван со оглед на тоа што тренерот на металурзите Данило Брестовац во овој меч реши да им даде шанса на помладите играчи, односно на тие што имаа мала минутажа или воопшто не играа на силниот турнир во Гренобл, кој заврши со триумф на Металург.

На мечот со Екс ан Прованс Брестовац испроба повеќе варијации на играта во одбраната и во напад за да ги согледа можностите и квалитетите и на помладите ракометри и резервните играчи во составот. Доделената минутажа и укажаната шанса одлично ја искористи најмладиот ракометар во составот на Металург, 15-годишниот Стефан Додиќ, кој покрај тоа што постигна четири гола, имаше и неколку асистенции.

Најефикасен на мечот беше Александар Шпенде со шест гола. На домашните ракометри од страна на судиите им беше дозволена груба игра.

Синоќа металурзите го одиграа вториот пријателски натпревар со екипата на Ним, а со денешниот меч со Сент Рафаел, завршуваат осумдневните подготовки на Металург во Франција.

Првиот официјален натпревар годинава Металург треба да го игра идната сабота, кога во 14-то коло од Регионалната лига ќе гостува хрватскиот шампион во Загреб. Завршницата во домашното првенство би требало да почне во втората половина на март.