Фото: Маја Јаневска-Илиева

Металург повторно ќе го има најмладиот состав, со просечна возраст од 20,6 години, со кој ќе се натпреварува на трите фронта – Лигата на шампиони (ЛШ), регионалната СЕХА-лига и домашното првенство

Ракометарите на Металург во спортската сала „Автокоманда“ во Скопје денеска, во 18 часот, ќе ги започнат подготовките за новата сезона. Во следните три дена металурзите ќе тренираат во Скопје, а од четврток до 18 август подготовките ќе ги продолжат во Маврово, каде што тимот ќе работи на комплетна физичка и техничко-тактичка подготовка.

Според најавите од клубот, тренерот Данило Брестовац во новата сезона повторно ќе го има најмладиот состав, со просечна возраст од 20,6 години, со кој амбициозно ќе се натпреварува на трите фронта – Лигата на шампионите (ЛШ), регионалната СЕХА-лига и домашното првенство.

Годинешната натпреварувачка сезона за Металург ќе започне со одигрувањето на Суперкупот на Македонија, во кој противник ќе му биде шампионот Вардар, на 18 август, во Струга. На 28/29 август сезоната ќе започне и во регионалната лига со стандардните дерби-дуели во 1. коло, во кое повторно ќе се сретнат Металург и Вардар. Со гостински меч кај Спортинг Лисабон на 15 септември, Металург ќе ја започне годинашната сезона во ЛШ.

Споредбено со минатата година, во редовите на Металург ќе ги нема пикерот Жарко Пешевски, левите крила Вања Илиќ и Давор Палевски, левиот бек Борјан Маџовски и десното крило Александар Гуглета. Повратници во тимот од „Автокоманда“ се десниот бек Томислав Јагуриновски, левото крило Бојан Маџовски и рехабилитираниот централен бек Лука Стојановиќ.

Нови имиња што треба да се приклучат во тимот на Брестовац се хрватскиот пикер Адријан Миличевиќ (20 години) и младиот српски голман Предраг Мијатовиќ (16).
Паралелно со Металург, денеска со подготовки ќе започне и екипата на Металург 2, која во новата сезона ќе се натпреварува во Првата лига.